Отворен е Домот на културата во Сопиште – простор за културни настани и учење

Жителите на општина Сопиште добија Дом на култура кој се простира на 200 м² и е опремен со повеќенаменска сала, хол со кафе-бар, канцелариски простории и модерна инфраструктура која ќе овозможи одржување на
различни културни активности.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со градоначалникот Стефче Трпковски и пратеникот Јане Мицевски, вчера и официјално, го предадоа во употреба новоизграденото културно обележје, на големо
задоволство на бројните граѓани кои присуствуваа на настанот.

-Како градоначалник, особено сум горд на овој проект кој верувам ќе создаде нови можности за развој на културата и уметноста во Сопиште. Домот сѐ уште нема име. Не случајно, одлучивме тоа да го направиме заеднички. Во периодот што следи, од вашите идеи и предлози ќе го одбереме името на домот, со што симболично заеднички ќе го создадеме неговиот идентитет. Верувам дека сето ова ќе придонесе да создадеме
место на кое ќе се негува културната традиција, ќе се промовираат нови идеи и ќе го збогатиме културниот живот во Сопиште“, истакна градоначалникот Трпковски на отворањето на Домот.

Објектот е изграден на местото на поранешниот руиниран објект кој го користеше месната заедница, врз основа на проект изработен во 2016 година, а финансиран со средства од општинскиот буџет и со финансиска
поддршка од Светска банка.

Просторот е проектиран така што ќе може да ги задоволи потребите на заедницата, како за организирање на културни настани и мини концерти, така и за учење на странски јазици и развој на уметнички иницијативи.

Министерот Љутков истакна дека изградбата на Домот е од огромно значење за развојот на културниот живот во Сопиште и рече оти верува дека просторот ќе биде место каде што сите, без разлика на возраст или
интерес, ќе имаат можност да учат, да создаваат и да се изразуваат.

Фото: Општина Сопиште