
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за реформите во судството истакна дека тоа е процес за кој граѓаните имаат најголемите очекувања.
Како што рече Николоски, за жал тој се одвива со една динамика која не е соодветна на очекувањата на граѓаните од причина што структурите кои се таму вгнездени преку три децении даваат силен отпор.
-Ние директно не можеме да се мешаме, но можеме да го правиме ова што го правиме, а тоа е да покренуваме иницијативи и да даваме наши ставови и наши мислења. Граѓаните очекуваат ред и правда, за жал ниту Обвинителството, ниту судството тоа го испорачуваат во моментов. Тоа не значи дека сите кои работата таму се корумпирани или неспособни, но една мала клика која е добро поврзана помеѓу себе и која покрај политички има и бизнис мотиви, го руши целокупниот систем и затоа сакаме да воведеме ред, нагласува министерот за транспорт.
Додава дека првиот чекор биле интерпелациите за членовите на Судскиот совет, а тој очекувал дента кога ги добиле, да ги поднесат оставките.
-Мнозинството кое ги избрало не постои, и не само тоа, туку и доживеа катастрофален пораз на претходните парламентарни избори. Ќе поминеме низ процедура за разрешување во Собранието и ќе бидат разрешени. Слично ќе биде и со Обвинителството. Правдата ќе ги стигне сите оние кои згрешиле. Можам да кажам само за ресорот кој го водам, над 20 кривични пријави и иницијативи имам поднесено до соодветните институции и досега не е реализирана ниту една, што покажува како и на кој начин работат. Слушаме многу ветувања, но малку реализација, дециден е Николоски.
Инаку, вицепремиерот денеска изврши увид на изградба на комунална мрежа во Радовиш.