
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот објави дека неговите предложени царини од 25 отсто за стоки од Мексико и Канада ќе стапат на сила на 4-ти март, со дополнителни 10 отсто царини за кинескиот увоз, поради континуираниот проток на смртоносни дроги во САД од тие земји.
Трамп рече дека новите царини за кинескиот увоз ќе бидат дополнување на претходно наметнатата царина од 10 отсто, која стапува на сила на 4 февруари, што ќе резултира со вкупна царина од 20 отсто за кинески стоки.
Во објавата на неговата платформа Truth Social, тој рече дека смртоносниот опиоид фентанил продолжува да влегува во САД на „многу високи и неприфатливи нивоа“.
Трамп рече дека одлучил да воведе царини бидејќи неговата администрација верува дека не е постигнат доволен напредок во спречувањето на шверцот со фентанил во САД.
„Ја ставивме миграцијата под контрола, но продолжуваме да имаме сериозна загриженост за бројот на смртни случаи поврзани со фентанил“, изјавил претставник на Белата куќа за Reuters.
Мексико ќе го екстрадира во САД нарко-босот Рафаел Кара Кинтеро, осуден во 1985 година за убиство на агент на американската Агенција за борба против дрогата (DEA), кој беше ослободен во 2013 година, кога се врати на крумчарењето.
Во 2022 година, DEA заплени повеќе од 4.500 килограми фентанил и 50,6 милиони апчиња фентанил погрешно претставени од препродавачите како лекови против болки, што двојно повеќе отколку претходната 2021 година.
Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), во 2023 година, 72.776 луѓе во САД починале од синтетички опиоиди, пред сѐ, од фентанилот. Две години порано, во 2021 година, повеќе од 100.000 Американци починаа од последици на дроги, а фентанилот беше одговорен за две третини од овие смртни случаи. Поради тоа, проблемот беше предмет на разговорите и меѓу поранешниот американски претседател Џо Бајден и кинескиот челник Кси Џинпинг.
Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е одговорна за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година. Мексико произведува најголем дел од фентанилот што влегува во САД, користејќи хемиски прекурсори увезени од Кина и од други места.