ВИДЕО| Несогласувањата на Трамп и Зеленски излегоа на виделина за време на нивната средба

Украинскиот и американскиот претседател Володимир Зеленски и Доналд Трамп се судрија вербално неколкупати во Белата куќа во петокот, украинскиот челник го повика американскиот колега да биде внимателен со Русија, а Трамп му кажа дека се коцка со Третата светска војна.

Двајцата лидери се состанаа во Овалната соба пред очекуваното потпишување на договорот за минерали за ретки земји. Зеленски отворено го критикуваше Трамп за неговиот „мек пристап“ кон рускиот претседател Владимир Путин.

„Ти се коцкаш со Третата светска војна“, му рече Трамп во еден момент на Зеленски, предупредувајќи го да биде поблагодарен. „Она што го правите е непочитување на земјата – оваа земја што ве поддржа многу повеќе отколку што многумина мислеа дека треба“, рече Трамп.

Зеленски одговори: „Имам голема почит за вашата земја“.

Американскиот потпретседател ЏејДи Венс интервенираше тврдејќи дека Зеленски не го почитувал Трамп затоа што дошол во Овалната соба да се расправа, на што Трамп се согласи.

Украинецот ги отфрли и тврдењата на Трамп дека украинските градови за три години се претворени во урнатини.

„Вашата земја е во голема неволја“, рече Трамп. Нагласи дека Путин сака да постигне договор.

„Луѓето умираат, ти снема војници“, му рече Трамп на Зеленски додека нивната средба се претвори во вербалнан пресметка.

Американскиот претседател му рече на Зеленски дека мора да постигне договор или САД ќе се повлечат.

Зеленски, пак, го повика Трамп „да не прави компромиси со убиец“, мислејќи на Путин.

Украинскиот претседател рече и дека Европа „навистина ѝ помогнала“ на Украина и дека „навистина дала многу“.

„Но, многу помалку од нас“, одговори Трамп, што Зеленски веднаш се обиде да го демантира.

Двајцата челници по средбата зад затворени врати ќе одржат заедничка прес-конференција на која се очекува да потпишат договор за минерали од ретки земји.