
Судири избувнаа во петокот во Атина кога стотици илјади луѓе се собраа ширум Грција за да побараат правда на втората годишнина од најсмртоносната железничка несреќа во историјата на земјата, а штрајковите на вработените во воздушниот, поморскиот и железничкиот транспорт ја парализираат земјата.
Педесет иседум лица загинаа кога патнички воз полн со студенти се судри со товарен воз на 28 февруари 2023 година, во близина на клисурата Темпи во централна Грција. Две години подоцна, безбедносните празнини што ја предизвикаа несреќата не се санирани, покажа истрагата од која резултатите беа објавени во четвртокот. Одделна судска истрага останува недовршена и никој не е осуден за несреќата, што го разгорува гневот кај Грците.
Демонстрации се одржаа во градовите и населените места низ Грција во еден од најголемите протести во земјата последните години. Во главниот град Атина, протестот стана насилен кога група млади со качулки фрлаа запалливи бомби кон полицијата и се обидоа да упаднат на барикадите пред парламентот. Низ центарот одекнуваа удари од шок и гранати солзавец испукани од полицијата за справување со безредија.
Претходно во петокот, огромна маса луѓе се прелеа на централниот плоштад Синтагма пред парламентот, извикувајќи „убијци“ против, како што велат, улогата на државата во катастрофата.
Централнодесничарската влада на премиерот Киријакос Мицотакис, се соочи со постојани критики од роднините на жртвите за неуспехот да иницира парламентарна истрага за политичка одговорност и обвинувањата дека сака да ја прикрие вистината. Владата негира дека сторила нешто лошо и вели дека судството треба да ја истражи несреќата.
Протестите во петокот го одразуваа зголемениот гнев поради несреќата во Грција, каде што недовербата во владата е вообичаена по должничката криза 2009/2018 година во која милиони останаа без плати и пензии, а јавните служби страдаа од недоволно финансирање.
Во петокот, многу ученици и студенти на наставата отидоа облечени во црно, симбол на жалост. Други пуштаа црни балони. Демонстрантите со спреј ги испишуваа имињата на загинатите во црвено пред зградата на парламентот. „Немам кислород“ – последните зборови на една жена во повикот до службите за итни случаи – одекнуваа во скандирањата низ целата земја
Сите меѓународни и домашни летови беа приземјени бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.
Продавниците се затворени, а театрите ги откажаа претставите.
Во објава на Facebook во петокот, Мицотакис рече дека неговата влада ќе работи на модернизирање на железничката мрежа и ќе ја направи побезбедна.
„Таа ноќ го видовме најгрдото лице на земјата во националното огледало“, напиша тој за ноќта на несреќата. „Фаталните човечки грешки наидоа на хронична државна несоодветност.
Опозициските партии ја обвинија владата за прикривање докази и ја повикаа да се повлече. Следната недела се очекува парламентот да расправа за тоа дали да формира комисија која ќе ја испита можната политичка одговорност во катастрофата.
Во истражувањето спроведено оваа недела од анкетарите на Puls, 82 отсто од Грците рекле дека железничката катастрофа е „едно од најважните“ или „најважните“ прашања во земјата и 66 отсто рекле дека се незадоволни од истрагата за несреќата.
„Секој ден, чудовиштето на корумпираната моќ се појавува пред нас“, изјави пред толпата во Атина Марија Каристијану, чија ќерка загина во несреќата и која го води здружението на семејствата на жртвите.
Студентите извикуваа „Пиши ми кога ќе стигнеш“, последната порака коајшто многу најблиски им ја испратиле на жртвите додека патувале. На картонска табла беше испишано: „Грција ги убива своите деца“.