Рекордно ниво на странски инвестиции – се очекуваат нови вработувања и засилување на економската активност

Економијата ќе расте, ќе се зголемуваат вработувањата и ќе се зголемуваат вложувањата од странските партнери – економистите се со оптимистички очекувања за годинава по извештајот од НБРМ кој покажа рекордно ниво на СДИ во 2024-та или двојно повеќе од претходната 2023-та.

Само во четвртиот квартал или месеците октомври, ноември и декември вкупните директни инвестиции забележале нето приливи од речиси 400 милиони евра, со што 2024 заврши со рекордни една милиајрда и двеста и педесет милион и евра. Економистите велат дека се очекува пораст на БДП, но сепак треба да се почека за да се види реалниот процент на раст, објавува Алфа телевизија.

-Во наредниот период ќе има пораст на стопанската активност, пораст на странските инвестиции, вложувањата на домашните инвеститори. Порастот е позитивна категорија, но реалниот процент на тој пораст ќе го каже идното време, бидејќи некои очекувања може нема да се остварат, но претстои период на зголемена стопанска активност, а врз основа на тоа зголемена акомулација, пораст на БДП , тоа е позитивен сигнал, многу e битно што во економијата кога ќе почне еден тренд тој се мултиплицира, вели професор Глигор Ивановски.

Само во втората половина од 2024-та Владата договори 8 инвестиции кои треба да вработат 2.800 луѓе, а според податоците од ТИРЗ, бројот на вработени во зоните лани надминал 18 100 луѓе.

Според економистите, во политиката на привлекување на странските инвестиции клучната улога ја има државата која ги поставува правилата на игра. Македонија ги има регулирано условите кои се поволни за странските партнери и би ги задржале тука

Државата има голема улога особено во нормативната дејност…. Тие правила според мене се поставени, прашања се на финеси. Не треба да заборавиме дека инвеститорите доаѓаат поради остварување на профит и државата дава одредени бенефециии… Тие правила горе – доле се регулирани, само со доаѓањето на нови странски партнери ние треба да се прилагодуваме на нивните потреби, а тие на нашите можности не би требало тука би требало да има други проблеми, вели професор Ивановски.

Владата на Мицкоски уште на стартот на мандатот ја промовираше инвестицијата на Алказар Енерџи во вредност од 500 милиони евра која ќе изгради ветерен парк помеѓу општините Карбинци, Штип и Радовиш. Лани беше договорена и инвестицијата на „Епсотех“ кои ќе градат истражувачки центар во вредност од 20 милиони евра и ќе вработат 110 луѓе. Германската компанија „BMZ Group“ започна со изградба на фабрика за производство на батерии во капацитет кој чини 65 милиони евра. Се потпишаа и два договори за инвестициите на „Брејнчајлд“. Германската „Костал“ отвора нов погон од 50 милиони евра и нови 250 вработувања. „АД БАУ Интернационал“ ќе вложи 7 милиони евра. Во зоната во Кичево пак фирмата „Avesta“ ќе вложи 40 милиони евра и ќе вработи 600 луѓе. Американскиот Вабтек кој веќе е присутен во земјава ќе ја прошири инвестицијата и ќе произведува сопирачки за шински возила. Последната најава е дека се преговара со турската Казанџи Холдинг за изградба на когенеративни централи и секундарна гасна и топловодна мрежа , вредноста на инвестицијата би достигнала до една милијарда евра.