
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека неговата расправија со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа „го оставила без здив“.
„Дипломатијата пропаѓа кога партнерите во преговорите се понижуваат пред светот“, изјави Штајнмаер за dpa во саботата за време на летот за Уругвај.
Штајнамер инаку беше еден од преговарачите на мировните договори од Минск за запирање на граѓанската војна по превратот од 2014 година во Киев и бунтот на доминантото руско население на југоистокот, за кои подоцна тогашната германска канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд признаа дека биле измама за да му се даде време на Киев да се вооружи и да започне операција против одметнатите региони, што беше изговорот на Москва за почеток на инвазијата во февруари 2022 година.
„Сцената во Белата куќа вчера ме остави без здив. Никогаш не мислев дека некогаш ќе треба да ја браниме Украина од САД“, рече Штајнмаер, отстапувајќи од својата вообичаена дипломатска воздржаност.
Штајнмаер, кој на почетокот од војната беше жестоко критикуван и навредуван од украинските функционери поради заложбите за изградба на подоцна саботираниот гасовод Северен тек 2 и блискоста со Москва, сега истакна дека Европејците „остануваат посветени на слободата, демократијата и владеењето на правото“.
„Мораме да спречиме Украина да биде принудена да се потчини“, додаде Штајнамер кому Киев ми ја одби намерата да допатува кон крајот на април 2022 година.
Трамп во петокот го обвини Зеленски дека несовесно ја загрозува глобалната безбедност со тоа што одбива да преговара за мировен договор со Русија, предупредувајќи дека „се коцка со Третата светска војна и животите на милиони луѓе“.
Штајнмаер рече дека на Германија „итно ѝ треба силна влада“ за да се справи со кризата.
Во Германија пред една седмица беа одржани сојузни избори, на кои победија демохристијаните, а нивниот лидер Фридрих Мерц, милионер поранешен директор на германската филијала на американскиот конгломерат „BlackRock“, најверојатно ќе стане канцелар.
Мерц, инаку, во минатото се залагаше за испораки на наведуваните ракети со долг дострел „Taurus“ што ќе му овозможни на Киев да напаѓа цели длабоко на територијата на Русија, што премеирот во заминување Олаф Шолц го отфрлаше поради неопходноста со овие софистицирани системи директно на теренот да оперираат обучени германски екипажи и потребата од обезбедување сателитски снимки.
Роберт Хабек, германскиот министер за економија и вицеканцелар во заминување, ја поддржа Украина во саботата, повикувајќи на брзо ослободување од 3 милијарди евра за одбраната на Украина.
„Со цел да и ја обезбедиме потребната поддршка на Украина, сега треба да направиме што можеме на краток рок“, напиша тој на X.
Германската министерка за надворешни работи, исто така, во заминување Аналена Бербок во саботата изјави дека европските челници на состанокот следната седмица мора да донесат одлуки за сеопфатен финансиски пакет за Украина. Таа, исто така, ја повика Германија да ослободи дополнителни 3 милијарди евра помош за Украина.