Вардар и Беса одиграа нерешено

Реновираниот Вардар делува многу поамбициозно и поуверливо на стартот на вториот дел од сезоната, но после двете победи во низа, една во домашното првенство и една во Купот, залетаните избраници на Гоце Седлоски денеска беа сопрени во Скопје.

Иако Вардар имаше огромна теренска иницијатива во текот на целиот меч кој се одигра на националната арена, гостите од Добридол поставија исклучително силен бедем пред својот гол, а истиот се покажа како непробивлив за црвено-црните.

Ова беше директен дуел на два тима кои се во долниот дел од табелата и бодовите беа исклучително важни, па дефинитивно далеку позадоволни си заминуваат гостинските фудбалери.

По победата над Струга и триумфот над Силекс во Купот, Вардар продолжи да освојува бодови и е надвор од опасната зона, додека Беса има два бода помалку и останува под црвената линија.

Останатите пет натпревари од 21-то коло во ПМФЛ се играат утре со почеток од 14:00 часот.