Норвешка сепак продолжува да ја снабдува морнарицата на САД и покрај повикот за бојкот

Норвешка, како членка на НАТО, ќе продолжи да доставува гориво за бродовите на американската морнарица, изјави во неделата норвешкиот министер за одбрана, откако приватна компанија за снабдување со гориво повика да се прекине снабдувањето поради влошените односи меѓу САД и Украина.

„Видовме извештаи во кои се изразува загриженост во врска со поддршката за бродовите на американската морнарица во Норвешка. Тоа не е во согласност со политиката на норвешката влада“, рече норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик во официјалното соопштение.

„Американските сили ќе продолжат да ги добиваат залихите и поддршката што им е потребна од Норвешка“, додаде тој.

Сандвик реагираше откако норвешката приватна компанија „Haltbakk Bunkers“ објави дека нема да снабдува бродови на американската морнарица во пристаништата во Норвешка, како и дригите американски пловила кои пристигнуваат.

Според компанијата, одлуката е донесена како одговор на начинот на кој беше третиран украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Белата куќа во петокот. Во подоцна избришаната објава на Facebook, компанијата го пофали Зеленски што останал „воздржан и смирен и покрај тоа што САД организирале предавничко ТВ шоу“.

Извршниот директор на компанијата Гунар Гран потврди за норвешкиот весник VG дека донеле одлука да не ја снабдуваат американската војска. Сепак, тој додаде дека одлуката ќе има само симболичен ефект, бидејќи компанијата нема постојан договор со американската страна.