Трамп потпиша указ со кој англискиот јазик стана официјален јазик во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ со кој англискиот јазик стана официјален јазик во САД.

„Во интерес на Америка е да определи единствен свој официјален јазик. Целта на овој чекор е „да се промовира единство и да се формира заедничка американска култура за сите граѓани“ на земјата, се наведува во текстот.

Досега во САД немаше јазик признат како официјален. Указот потпишан од Трамп, меѓу другото, укинува текст потпишан во 2000 година од тогашниот претседател Бил Клинтон, кој имаше за цел да го зголеми пристапот до јавните услуги за „лица со ограничени познавања на англискиот јазик“.

Сега федералните агенции веќе нема да бидат задолжени да обезбедуваат услуги на други јазици освен англискиот, иако тие сè уште ќе имаат право да го сторат тоа.

Прашањето за признавање на официјален јазик во САД е стара тема во политичкиот живот на земјата. Имаше бројни нацрт-закони за ова прашање во текот на минатиот век, но обидите да бидат усвоени во Конгресот беа неуспешни.

Статистика на Бирото за попис за 2023 година покажува дека 43 милиони луѓе во САД дома зборуваат шпански јазик.