Апелација ја уважи жалбата на Боки 13 за случајот „Рекет“, објавена пресудата

Апелациониот суд Скопје ја објави пресудата со која ја уважува жалбата на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13 за случајот „Рекет“. Со пресудата, Боки 13 се осудува на единствена казна затвор од пет години, во која казна му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 15.07.2019 година до започнување со издржување на казната затвор, како и досега издржаниот дел од казната затвор.

Боки 13 во 2020 година беше прогласен за виновен и доби казна затвор од девет години за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси“. Во моментов, тој е на отпуст за лекување.

Во поднесеното барање за преиначување на правосилна пресуда без повторување на постапката, осудениот Јовановски доставил повеќе медицински докази за сериозно нарушена здравствена состојба. Меѓу нив се одговор на барање од 08.08.2022 година од ЈЗУ УК по хируршки болести Св. Наум Охридски-С., горнодигестивна ендоскопија од 31.10.2022 година, медицинско-конзилијарно стручно мислење од 23.11.2022 година, извештај од ЈЗУ УК за Гастроентерохепатологија од 05.12.2022 година и хистопатолошки наод од Медицински факултет-институт за патологија од 14.12.2022 година.

Во пресудата на Апелационен суд Скопје стои дека наведените околности со извршен детален опис на целокупната дијагноза на осудениот, доведени во корелација со фактот дека осудениот сѐ уште е на домашно лекување и третман и е под лекарски надзор претставуваат околности што ги немало кога се изрекувала пресудата и тие може да се категоризираат во групата околности кои би можеле да имаат влијание во однос на примената на институтот преиначување на правосилна пресуда без повторување.

– Во контекст на сите овие околности, доведени во корелација и со околностите кои ги ценел судот при одмерувањето на видот и висината на казната, Кривичниот совет на овој суд утврди дека со изречената единствена казна затвор во траење од 5 – пет години, а по претходно утврдување на поединечните казни, доволно воспитно ќе се влијае врз осудениот, во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела, а позитивно ќе се влијае и на планот на генералната превенција, со што ќе остварат целите на казнувањето, во смисла на член 32 од Кривичниот законик, стои во пресудата.