
Арапските челници го поддржаа египетскиот план за обнова на разорената палестинска енклава во четвртокот, која ќе чини 53 милијарди долари и ќе овозможи Палестинците да останат во Појаост Газа, што е во спротивност со визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „блискоисточна ривиера“, според копија од плaнот во која увид имал Reuters.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси изјави дека предлогот бил прифатен на затворањето на самитот во Каиро. Сиси на самитот рече дека е уверен оти Трамп ќе успее да постигне мир во Појасот Газа.
Најважното прашање што треба да се одговори за иднината на Газа е кој ќе управува со неа и кои земји ќе обезбедат милијарди долари потребни за реконструкција.
Друго клучно прашање е судбината на палестинската милитантна група Хамас, ривал на Палестинската самоуправа во која доминира движењето Фатах, која ја започна војната во Газа со нападот без преседан според бројноста, координираноста и бруталноста во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој ја предводи Палестинската самоуправа чие седиште е на окупираната енклава Западниот брег, рече дека го поздравува египетскиот план и го повика Трамп да го поддржи планот што нема да вклучува раселување на палестинското население.
Абас, кој е на власт од 2005 година, исто така, изјави дека е подготвен да одржи претседателски и парламентарни избори доколку дозволат околностите, нагласувајќи дека Палестинската самоуправа е единственото легитимно административно и воено тело на палестинските територии.
Средствата за финансирање на реконструкцијата на Газа во голема мера ќе зависи од богатите земји од Персискиот залив како Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, кои ги имаат потребните милијарди.
Обединетите Арапски Емирати, кои ги сметаат Хамас и другите исламисти како егзистенцијална закана, сакаат итно и целосно разоружување на групата, додека другите арапски земји се за постепен пристап, рекол за Reuters извор запознаен со ова прашање.
Говорејќи на самитот, саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, рече дека се потребни меѓународни гаранции за да се обезбеди дека сегашниот прекин на огнот ќе остане на сила и ја поддржа улогата на Палестинската самоуправа во управувањето со енклавата.
Но, откако Хамас ја собори Палестинската самоуправа од Газа по кратката граѓанска војна во 2007 година откако по инистирање на западните земји Фатах не сакаше да ја предаде власта иако ги загуби изборите во 2006 година во Газа, целото движење на Абас беше истиснато од енклавата. Меѓутоа, откако Израел од пред неколку години продолжи со политиката на изградба на нелегалните доселенички населби на Западниот брег, влијанието на Хамас и другите исламистички вооружени гурпации се зајакна и во оваа енклава.
Египет, Јордан и арапските држави од Персискиот залив речиси еден месец разговараат за алтернатива на планот на Трамп за раселување на Палестинците и обнова на Газа под водство на САД, што според нив може да го дестабилизира целиот регион. Според конечниот нацрт на самитот, идејата за масовно раселување на Палестинците од Газа беше цврсто отфрлена.
Египетскиот план за реконструкција на Газа е документ од 112 страници кој вклучува мапи од обновата на земјата и десетици фотографии од станбени населби, градини и центри за заедницата генерирани од вештачка интелигенција. Планот предвидува и комерцијално пристаниште, технолошки центар, хотели и аеродром.
Израел веројатно нема да се спротивстави на арапскиот ентитет да ја преземе одговорноста за управување со Газа ако Хамас повеќе не е дел од сликата, рекол извор запознаен со ова прашање.