
Соединетите држави работат на план за потенцијално олеснување на санкциите против Русија, бидејќи претседателот Доналд Трамп се обидува да ги обнови врските со Москва и да стави крај на војната во Украина, изјавиле за агенцијата Reuters американски функционер и друго лице запознаено со ова прашање.
Белата куќа побарала од Стејт департментот и Министерството за финансии да состават листа на санкции кои би можеле да бидат ублажени за целите на разговорите меѓу американските претставници и руските претставници во наредните денови за подобрување на дипломатските и економските односи, велат изворите.
Канцелариите за санкции сега работат на предлог за укинување на санкциите за одредени субјекти и поединци, вклучително и некои руски олигарси, според соговорниците.
Таканаречените документи за опции често се подготвуваат од официјални лица кои работат на санкции, но конкретното барање на Белата куќа за таков документ во последните денови ја нагласува подготвеноста на Трамп и неговите советници да ги олеснат руските санкции како дел од потенцијалниот договор со Москва, пишува Reuters.
Сè уште не е јасно што конкретно би можел да побара Вашингтон во замена за олеснување на санкциите, додава агенцијата.
Белата куќа, Стејт департментот, Министерството за финансии и руската амбасада во Вашингтон не одговориле веднаш на барањето на Reuters за коментар.
Трамп во јануари се закани дека ќе ги зголеми санкциите кон Русија доколку Путин не сака да преговара за крај на војната во Украина. Но, неодамна, претставници на администрацијата на Трамп отворено ја признаа можноста за олеснување на санкциите кон Москва.
Секретарот за финансии Скот Бесент за време на интервјуто на 20 февруари за телевизијата Bloomberg рече дека Русија може да добие економско олеснување, во зависност од тоа како ќе им пристапи на преговорите во наредните недели.
Трамп на 26 февруари им рече на новинарите дека руските санкции може да бидат ублажени „во одреден момент“, потсетува Reuters.