
Цените на нафтата паднаа кон нивото од 70 долари во вторникот на меѓународните пазари, бидејќи водечките производители потврдија дека имаат намера да ја зголемат понудата од април, и покрај стравувањата дека зголемените трговски тензии би можеле да го намалат економскиот раст и побарувачката на енергија.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 1,27 долари пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 70,35 долари. Вчера го затвори тргувањето на минус 1,19 долари. На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по 93 центи пониска цена, по 67,44 долари. Вчера го затвори тргувањето со загуба од 1,39 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно денеска објави дека со барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во понеделникот се тргувало по цена од 74,98 долари, приближно исто како и на крајот од минатата седмица.
На почетокот на седмицава трговците беа преокупирани со производствените политики на OPEC и нејзините сојузници големи независни произведувачи предводени од Русија. Групацијата позната како OPEC+ во понеделникот потврди дека ќе пушти повеќе нафта на пазарот од април, како што одлучија на почетокот на декември, нагласувајќи ги „здравите пазарни основи и позитивната перспектива на пазарот“.
Како поддршка на цените во услови на слаба побарувачка, групата ја намали понудата за 5,86 милиони барели дневно од 2022 година, што е еквивалентно на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка. Според пресметките на Reuters, Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман од април ќе ја зголемат понудата за 138.000 барели дневно.
„Одлуката го изненади пазарот. Промената на стратегијата на OPEC сугерира дека политиката им е поважна од цените и веројатно е поврзана со маневрите на Доналд Трамп“, шпекулира Бјарне Шилдроп од SEB потсетувајќи дека американскиот претседател повика група водечки производители да ја регулираат понудата на пониски цени.
Трговците се загрижени и за царините во САД. САД утрово воведоа царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико. Исклучок се канадските енергетски производи, кои ќе подлежат на царина од 10 проценти. Царините за увоз од Кина се зголемени од 10 на 20 отсто. Пекинг возврати со царини за низа американски земјоделски производи и го ограничи извозот и инвестициите на 25 американски компании.
Аналитичарите предвидуваат дека мерките ќе ја забават економската активност и побарувачката на енергија.
Цените беа намалени и од шпекулациите дека американскиот претседател се подготвува да ги олесни санкциите кон Русија за да го отвори патот за руско-украински мировен договор, и покрај расправијата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба и заклучокот дека Киев не е склон кон дипломатско решение.
Агецнијата Reuters дознава дека, по суспензијата на воената помош за Украина, Белата куќа побарала од државните и од Министерството за финансии да состават список на санкции кои би можеле да бидат ублажени пред средбата меѓу американските и руските претставници.
„Совршената бура за цените на нафтата се засили. Извештаите за американското суспендирање на воената помош за Украина се толкуваат како увертира за олеснување на санкциите за руската нафта“, рече Тони Сикамор од IG