ВИДЕО I Шеј уфрли 51 поен на „ракетите“, нов пораз на Далас и повреден Ирвинг

Тимот на Оклахома Сити Тандер дојде до 50. сезонска победа во НБА лигата и тоа во соочувањето со Хјустон Рокетс (137:128).

Домаќините не дозволија изненадување и го одбранија својот дом во меч во кој одново експлодираше Шеј Гилџес-Александер. Репрезентативецот на Канада кој заедно со Никола Јокиќ се главни кандидати за МВП наградата по четврти пат во оваа кампања постигна 50+ кошеви или поточно рано утрово на „ракетите“ им уфрли 51 поен со 5 скока и 7 асистенции.

Ова за лидерот по поени во НБА лигата беше деветти натпревар на кој реализира најмалку 40 поени што јасно покажува каква година има ѕвездата на ОКЦ. Кај поразените Витмор и Шепард постигнаа по 27, односно 25 кошеви.

Далас Маверикс пак загуби по четврти пат на последните пет натпревари, но она што е полошо за нив е повредата на плејмејкерот Кајри Ирвинг кој пресметката со Сакраменто Кингс ја заврши уште во првата четвртина.

Ирвинг поради проблем со коленото одигра само 9 минути и останува да се видат што ќе кажат деталните медицински прегледи и колку време ќе треба да паузира што секако е удар за Маверикс кој некое време не смета на Дејвис, а недостапни против „кралевите“ беа и Лајвли, Вашингтон и Мартин.

Кингс го добија соочувањето со 122:98 и тоа со тимска игра во која комплетната стартна петорка беше двоцифрена.

РЕЗУЛТАТИ:

Шарлот хорнетс – Голден Стејт вориорс 101:119
Филаделфија севентисиксерс – Портланд трејблејзерс 102:119
Мајами хит – Вашингтон визардс 106:90
Мемфис гризлис – Атланта хокс 130:132
Оклахома Сити тандер – Хјустон рокетс 137:128
Далас маверикс – Сакраменто кингс 98:122
Јута џез – Детроит пистонс 106:134