
Израелските сили во вторникот убиле командант на Хамас во градот Џенин во окупираната палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан), во време на повеќенеделната операција против милитантните групи во областа која принуди десетици илјади Палестинци да ги напуштат своите домови.
Војската соопшти дека извршила рација за да го уапси Ајсар ал-Саади, шефот на мрежата на Хамас за областа, и го убила заедно со уште еден оперативец на Хамас. Уапсени се уште тројца членови на Хамас, тврди израелската војска.
Милитантната група чие седиште е во другата паленстинска енклава ПојасотГаза, но која поледните години создаде силно присуство на окупираниот Западен брег како одговор на засиленото градење израелски населби и носење израелски доселеници што според меѓународната заедница е нелегално, ја потврди смртта на ал-Саади, но рече дека тоа нема да влијае на нивната посветеност во борбата против Израел.
Операцијата на Западниот брег, која започна во јануари по стапувањето во сила на прекинот на огнот со посредство на Катар и Египет во Газа, е една од најголемите во областа и следи по порастот на насилството од почетокот на војната во Газа во 2023 година, за која се обвинети и двете страни.
Илјадници израелски војници вршат постојани рации низ бегалските кампови во Џенин и други градови на северниот дел на Западниот брег, вклучително и Тулкарм и Тубас, уништувајќи домови и инфраструктура и принудувајќи десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови само со она што можат да го носат.
Во вторникот, армијата се проби од сега празниот бегалски камп Џенин во источните области на самиот град Џенин, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија и раскопувајќи ги улиците и патиштата.
Армијата вели дека не ги евакуирала насилно Палестинците, туку им дозволила на жителите кои сакале да ги напуштат области во кои спроведува воени дејствија да го сторат тоа преку одредени премини. Палестинците велат дека израелските операции, кои го прекинаа снабдувањето со вода и енергија и уништија десетици домови, не им оставаат друга опција освен да си заминат.