Лига на шампионите: Мадридското дерби за Реал, „седумка“ на Арсенал, реми во Дортмунд

Актуелниот европски шампион Реал Мадрид го совлада градскиот ривал Атлетико со 2:1 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите. Арсенал го декласираше ПСВ со 7:1 во Ајндховен, додека Борусија Дортмунд и Лил одиграа нерешено 1:1.

Головите за Реал ги постигнаа Родриго (4) и Брахим Дијаз (55), додека на гостински терен беше стрелец на Хулијан Алварез (32). Реваншот е на 12 март на стадионот „Метрополитано“.

Во својот 500-ти настап во Купот и Лигата на шампионите, Реал Мадрид го совлада градскиот ривал со 2:1, остварувајќи ја 302-та победа со 85 нерешени и 113 порази.

Шпанските медиуми ја нарекоа пресметката на Реал и Атлетико „дерби од 1,7 милијарди евра“, мислејќи на комбинираната вредност на тимовите, додавајќи дека тие се „два гиганта во секоја смисла на зборот“.

Реал Мадрид го држи рекордот со 15 европски титули, додека Атлетико сѐ уште ја чека првата европска титула. Трипати играше во финалиња, губејќи од Баерн во 1974 година и последните двапати од Реал Мадрид (2014, 2016). Реал ги елиминираше своите градски ривали од натпреварувањето и во четвртфиналето во 2015 година и во полуфиналето во 2017 година.

Тоа беше и 239. „Ел Дерби Мадрилено“, а сметајќи ги европските натпреварувања, вечерва се соочија по 11-ти пат. Реал Мадрид ја постигна шестата победа, Атлетико славеше трипати, а два натпревара завршија без победник.

За домаќините започна одлично. Реал поведе уште во четвртата минута. Валверде одлично му проигра Родриго, кој на десната страна претрча покрај Галан, а потоа погоди со прекрасен удар со левата нога за водство. Во 22. минута Винисиус Жуниор опасно се закани, но Јан Обрак беше подготвен. Во 29. минута шутираше и Родриго, но словенечкиот голман уште еднаш беше на место.

Атлетико израмни во 32. минута со фантастичниот гол на Хулијан Алварез кој одлично го погоди спротивниот агол од голот што го бранеше Тибо Куртоа за 1:1. „Кралскиот клуб“ дојде до ново водство во 55. минута со голот на Брахим Дијаз, кој прекрасно шутираше покрај двајца играчи во далечниот агол. Во 61. минута Хозе Марија Хименез можеше да израмни, но шутираше над голот.

Арсенал го декласираше ПСВ со 7:1 во Ајндховен, обезбедувајќи пламсан уште по првиот натпревар. Головите за лондонскиот тим ги постигнаа Јуриен Тимбер (18), Итан Нванери (21), Микел Мерино (31), Мартин Одегард (47, 73), Леандро Тросард (48) и Рикардо Калафиори (85), додека голот за домашните беше Ноа Ланг (43-11 м).

Првата голема шанса на натпреварот домашните ја имаа во 16. минута. Акцијата ја започна Иван Перишиќ, кој по неколку додавања со соиграчите упати остра ниска топка од левото крило кон голот на англискиот претставник. Давид Раја кусо ја одби топката, на која натрча Исмаел Саибари и веднаш шутираше но неговата „бомба“ ја погоди гредата. Во продолжението стрелаше и Рајан Фламинго, но покрај голот.

Само две минути подоцна Арсенал поведе. Деклан Рајс нафрли, а Јуриен Тимбер го прескокна голманот и ја упати топката со глава за 1:0. Три минути подоцна веќе беше 2:0. Овојпат асистент беше Мајлс Луис-Скели, а прекрасно погоди Нванери. Мерино го заокружи брилијантниот половина час за „Топчиите“ погодувајќи за 3:0. Голот беше проверуван неколку минути поради можен офсајд, но сѐ беше јасно.

Во финишот на првото полувреме Ланг од пенал намали на 1:3. Ако имаше некаква надеж за евентуално враќање на ПСВ, таа исчезна во првите четири минути од вториот дел со двата брзи гола на Одегард и Тросард. До крајот на средбата гостите постигнаа уште два гола, а стрелци повторно беа Одегард во 73. минута и Калафиори во 85. минута.

Борусија Дортмунд и Лил ремизираа 1:1. Домашните поведоа во 22. минута со голот на Карим Адејеми. Рајерсон нафрли од корнер, гостинската одбрана ја расчисти топката до Адејеми кој упати одличен удар од 20 метри за водство. Во финишот на првото полувреме, германскиот тим постигна втор гол, но Паскал Грос беше во офсајд. Гостите израмнија во 68. минута по убавиот потег кој во гол го претвори исландскиот интернационалец Хакон Арнар Харалдсон. Реваншот е на 12 март.

Во првиот натпревар од денешната програма фудбалерите на Астон Вила направија голем чекор кон четвртфиналето во Лигата на шампионите совладувајќи го домашниот клуб Бриж со 3:1 на гостувањето во Белгија.

Избраниците на Унаи Емери поведоа уште во 3. минута, а стрелец беше Јамајканецот Леон Бејли. Клуб Бриж израмни во 12. минута, кога одлично изведениот контранапад беше завршен со прецизен удар на Максим Де Кујпер. Немаше голови до 82. минута, кога Морган Роџерс мина по десното крило, упати остар центаршут кон голот, каде домашниот дефанзивец Брендон Мекеле се лизна и ја пренасочи топката во сопствената мрежа. Конечните 3:1 ги постави Марко Асенсио во 88. минута од пенал, досуден по прекршокот на Христос Цолис. Реваншот ќе се игра во Бирмингем на „Вила Парк“ идната среда на 12 март.

Во среда се среќаваат Феенорд – Интер, Баерн Минхен – Баер Леверкузен, Бенфика – Барселона и ПСЖ – Ливерпул.