Русија, на барање на Република Српска, побара вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за БиХ

На барање на официјални претставници на босанските Срби, Русија побарала вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на ситуацијата во Босна и Херцеговина, која треба да се одржи на 6-ти март зад затворени врати, потврдија повеќе извори.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, во вторникот пред новинарите во Сараево изјави дека знае оти Русија ја побарала седницата и смета дека е добро таа да се одржи бидејќи Советот за безбедност ќе добие прецизни информации за ситуацијата во БиХ.

„Веќе ги информиравме за она што се случува во БиХ, имено дека во тек е напад врз државата, нејзиниот устав и институциите“, рече Конаковиќ, додавајќи дека тоа се однесува на дејствијата што ги преземаат политичарите од Република Српска поради осудата на претседателот на тој ентитет, Милорад Додик.

Поради тоа челниците на Република Српска иницираа усвојување закони со кои би се забранила работата на државниот суд и обвинителството, како и на безбедносните агенции кои работат на ниво на БиХ, во српскиот ентитет.

Додик, како и премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, како и претседателот на ентитетскиот парламент Ненад Стевандиќ, како што оцени Конаковиќ, на тој начин наводно сториле „тешко кривично дело“ – напад на уставниот поредок на БиХ. Оттаму, тој очекува дека на ова ќе реагираат правосудните органи и полицијата согласно законот и уставот.

Катарската телевизија Al Jazeera Balkans објави дека блискиот соработник на Додик и актуелна претседавач со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, била таа што побарала од Русија да инсистира на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН.

Таа, наводно, го направила тоа со образложение дека Додик треба да биде заштитен од прогон во БиХ, особено од високиот претставник Кристијан Шмит.

Русија, како и Кина, постојани членки на Советот за безбедност при ОН со право на вето, безрезервно го поддржуваат ставот на Додик и неговите соработници дека Шмит не е легално избран за висок претставник без задолжителната вообичаена дискусија во споменатото тело на светската организација, и затоа не може да наметне измени во кривичниот законик врз основа на кој актуелниот лидер на босанските Срби е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политички активности.