САД ја запираат воената помош за Украина

Соединетите држави ја запираат сета воена помош за Украина додека американскиот претседател Доналд Трамп не одлучи дека Киев е посветен на мировните преговори за запирање на тригодишната војна со Русија, објави телевизијата Fox News цитирајќи високо позициониран функционер на Белата куќа.

„Соединетите држави ја запираат целата воена помош за Украина, сѐ до моментот додека претседател Трамп не се увери дека Украинците покажуваат посветеност на добрата волја кон мировните преговори“, објави телевизијата цитирајќи го неименуваниот соговорник од администрацијата.

Портпарол на Белата куќа го потврдил прекинот на американската воена помош за Киев, објави агенцијата Reuters.

„Претседателот (Трамп) јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. За нас е неопходно нашите партнери, исто така, да бидат приврзани на оваа цел. Ја суспендиравме и ја преразгледуваме нашата помош за да придонесеме за решавање (на војната во Украина“, рекол портпаролот на Белата куќа во изјавата којашто ја цитира и весникот The Washington Post.

Во прилогот на телевизијата Fox News, инаку, беше истакнато дека не станува збор за трајно прекинување на воената помош, туку само за привремен прекин на испораките на оружје.

Коментирајќи ја одлуката, Белата куќа ги повика американските партнери а останат посветени на постигнувањето мир.

Самиот Трамп претходно во понеделникот одби да даде јасен одговор на прашањето за натамошно обезбедување на воената помош за Украина, истакнувајќи дека ситуацијата на оваа тема брзо се менува. Американскиот претседател истакна дека постигнувањето мир што е можно поскоро останува негов клучен приоритет.

Претходно весникот The New York Times повикувајќи се официјален претставник на администрацијата на Трамп објави дека претседател во понеделникот ќе се сретне со американските функционери за а се разгледа и евентуално да се преземат бројни мерки, вклучително и запирање на воената помош, во однос на Киев чиишто функционери жестоко ги критикуваат САД за каснење или недоволна помош, особено по дебаклот минатата седмица во Белата куќа на украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Според соговорникот на весникот, на тој состанок било очекувано да се зборува за привремено запирање па дури и прекинување на воената помош за Киев, вклучително и снабдувањето со муниција и воена опрема одобрена во последните денови од администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

Весникот The Wall Street Journal викендов пишуваше дека Трамп, по расправијата пред камерите со Зеленски во Овалната соба, им наложил на своите соработници за национална безбедност да ги преиспитаат можностите за привремено или целосно запирање на испораките на американско оружје за Украина.