Трговска војна во Северна Америка – Трамп воведе царини, Канада и Мексико најавуваат одговор

САД денеска воведоа нови царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, како и двојно зголемување на царините за кинеска стока, што предизвика нов бран трговски тензии со трите најголеми американски трговски партнери.

Новите царини, кои стапија во сила ноќеска во 12:01 часот по источно време, може да влијаат врз трговија вредна 2,2 трилиони долари. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одлуката е одговор на, како што тврди, „недоволните напори“ на Канада, Мексико и Кина да го спречат шверцот на фентанил во САД.

– Доста беше. Нема да дозволиме овие земји да седат со скрстени раце додека Американци умираат од оваа смртоносна дрога, изјави Трамп во обраќање од Белата куќа.

Канада возвраќа со сопствени царини, Трудо предупредува на ризик за односите

Канадскиот премиер Џастин Трудо објави дека Отава веднаш воведува 25 отсто царини на американски производи во вредност од 30 милијарди канадски долари (20,7 милијарди долари), а ако американските мерки останат во сила 21 ден, ќе бидат воведени дополнителни царини за уште 125 милијарди канадски долари (86,2 милијарди долари).

– Царините ќе го нарушат исклучително успешниот трговски однос меѓу нашите земји, изјави Трудо, додавајќи дека мерките на Вашингтон го прекршуваат договорот за слободна трговија (УСМЦА), кој Трамп го потпиша во својот прв мандат.

Трудо порача дека Канада ќе таргетира американски производи како пиво, вино, бурбон, куќни апарати и сок од портокал. Покрај тоа, премиерот на Онтарио, Даг Форд, за Ен-Би-Си изјави дека е подготвен да ја прекине испораката на никел и електрична енергија во САД како дополнителна одмазничка мерка.

Мексико најавува „План А, План Б, План Ц и План Д“

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум најави дека нејзината земја ќе одговори на новите царини, а повеќе детали ќе соопшти во текот на денешниот ден.

– Во оваа ситуација, ни треба прибраност, смиреност и трпение. Имаме План А, План Б, План Ц, па дури и План Д, изјави Шеинбаум, додавајќи дека Мексико веќе подготвило кризен план.

Кина подготвува одмазднички мерки, Пекинг ја осудува американската политика

Освен мерките против Канада и Мексико, Трамп ги удвои и царините за кинеската стока, зголемувајќи ги од 10 на 20 отсто, со образложение дека Кина не презела доволно мерки за да го спречи шверцот на фентанил во САД.

Кинеското Министерство за трговија објави дека ќе преземе „соодветни контрамерки“, но засега не даде детали. Весникот „Глобал тајмс“, кој е поддржан од кинеската влада, објави дека Пекинг најверојатно ќе воведе царини за американски земјоделски и прехранбени производи.

– Вашингтон погрешно ја префрла вината за својата фентанил-криза врз Пекинг, изјави портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.

Бизнис-секторот предупредува: „Цената ќе ја платат американските потрошувачи“

Претседателот на Американскиот совет за автомобилска политика, Мет Блант, изјави дека новите царини ќе ги зголемат цените на возилата и ќе го погодат домашното производство.

– Царините се данок врз американскиот народ. Ова ќе ги зголеми трошоците за потрошувачите и производителите и ќе ги наруши синџирите на снабдување, рече Блант.

Извршната директорка на Канадската трговска комора, Кендис Лаинг, оцени дека „неразумната одлука“ на САД ќе ја втурне Северна Америка во економска рецесија.

Азиските берзи реагираат со пад

Тензиите се одразија и на глобалните пазари. Индексот MSCI за азиските берзи падна за 0,3 отсто, додека јапонскиот Никеи загуби 1,3 отсто.

„Инвеститорите се плашат од трговска војна. Канада веќе воведе контрамерки, а се очекува и Мексико да објави свој одговор“, коментираат аналитичари за западни меидуми.

Аналитичарите предупредуваат: Трговската војна може да ја ослабне економијата

Иако Трамп тврди дека царините се неопходни за да ја заштитат американската економија, експертите предупредуваат дека трговската војна би можела да предизвика економска нестабилност.

„Царините може да доведат до поскапување на производите, намалување на извозот и потенцијално до губење работни места“, велат економисти за „Би-Би-Си“.

Сите очи сега се вперени во реакциите на Мексико и Кина, кои треба да објават дополнителни мерки во текот на денот.