
Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро, изјави во вторникот украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека е подготвен да работи под „силното водство“ на американскиот претседател Доналд Трамп за да постигне долготраен мир.
„Украина е подготвена да дојде на преговарачката маса што е можно поскоро за да се приближи до траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силното водство на претседателот Трамп за да постигнеме траен мир“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х.
Зеленски на социјалните мрежи изрази жалење за судирот во Белата куќа со американскиот лидер Доналд Трамп и потпретседателот ЏејДи Венс, но не им се извини.
„Нашиот состанок <…> во петокот не помина според планираното. Жалам што ова се случи. Време е да се поправи се“, напиша украинскиот челник.
Зеленски го објави ова нецел ден откако американскиот претседател ја „паузираше“ американската воена помош за Украина, прекорувајќи го Зеленски за непочитување и неблагодарност кон американската администрација за нејзините напори да стави крај на војната.
Покрај тоа, Зеленски посочи дека е подготвен да потпише договор за ресурси во секое време и во секој погоден формат.
Украинскиот претседател посочи дека првите фази од преговорите за ставање крај на војната би можеле да бидат „ослободување на затворениците и прекин на огнот во воздушниот простор, забрана за користење проектили, беспилотни летала со долг дострел, (фрлање) бомби врз енергетската и друга цивилна инфраструктура и итен прекин на огнот на море, доколку Русија го стори истото“.
Тоа е всушност предлогот кој претходно го изнесоа заедно Франција и Велика Британија, и според првичните реакции малку е веројатно Москва да го прифати посочувајќи на лошото искуство во склучувањето договори со Киев.
„Потоа сакаме брзо да преминеме низ следните фази и да работиме со САД за да преговараме за силен, конечен договор. Навистина цениме сѐ што направи Америка за да и помогне на Украина да го зачува својот суверенитет и независност. И се сеќаваме на моментот кога работите се променија кога претседателот Трамп испрати (противтенковско оружје) копје во Украина. Ние сме благодарни за тоа“, рече Зеленски.
Зеленски додаде дека состанокот со Трамп во петокот, на кој требаше да потпишат договор за минерали од ретки земји, „не помина добро“ и дека е време тоа да се поправи.
„Би сакале идната соработка и комуникација да бидат конструктивни. Што се однесува до договорот за минерали и безбедност, Украина е подготвена да го потпише во секое време и во пригоден формат. Сметаме дека овој договор е чекор кон поголема безбедност и солидни безбедносни гаранции и искрено се надевам дека ќе функционира ефективно“, напиша украинскиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски требаше да го потпишат договорот во петокот во Белата куќа, но поради нивната вербална пресметка настанот беше откажан, а во саботата извори од Белата куќа изјавија дека Вашингтон повеќе не е заинтересиран за украинските ресурси.