Заедничка вежба на македонските и унгарските специјални единици во јуни

Македонија и Унгарија ќе ја зацврстуваат соработката во одбраната преку Планот за одбранбена соработка и Меморандумот за разбирање, објасни министерот за одбрана Владо Мисајловски по средбата со неговиот унгарски колега Кристоф Салај Бобровницки.

Мисајловски откри дека во јуни оваа година во Охрид двете земји ќе изведат заедничка вежба на единиците за специјални операции. На средбата било разговарано за зајакнување на капацитетите одбраната и нови можности при набавките за модернизација и опремување.

„Преку Планот за одбранбена соработка и Меморандумот за разбирање, кој е во завршна фаза, ја зацврстуваме довербата и градиме едно силно пријателство. Соработката во делот на воена едукација и обука, образование, размена на информации и изведување на заеднички вежби придонесува кон сето ова“, објави Мисајловски.

Министерот истакна дека средбата е „уште еден чекор во градењето на побезбедна и посигурна иднина, затоа што безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани не е само наша должност – туку е наша обврска“.