Лига на шампионите: Ливерпул победи во Париз, Барса во Лисабон, Баерн подобар од Баер

Иако фудбалерите на ПСЖ напаѓаа од првата до последната минута и создадоа бројни одлични шанси, Ливерпул победи со 1:0 во Париз во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

Неверојатно е што ПСЖ не постигна гол или повеќе во првото полувреме, додека гостите од Ливерпул не направија ниту една вистинска акција пред Донарума во првите 45 минути.

Првата голема шанса парижаните ја имаа во 16. минута кога Дембеле одлично подготви сѐ, но Жоао Невес шутираше слабо од десетина метри. Само четири минути подоцна, ПСЖ постигна гол, одличен удар од спротивниот агол на Кваратшкелија, но тој претходно беше во офсајд.

Имаше уште многу жешки моменти пред паузата пред голманот на Ливерпул, Алисон. Баркола, Кваратшкелија, Хакими, Витиња и Дембеле шутираа, но Ливерпул сето тоа го преживеа. Истото сценарио се играше и во продолжението. Буквално цело време топката беше во шеснаесетникот на Ливерпул или на околу 20 метри од гостинскиот гол. Водечкиот тим во англиската Премиер лига цело време се бранеше, а парижаните не можеа да разбијат толку густа формација, иако имаа неколку добри шанси во вторите 45 минути.

Како што често се случува во фудбалот, сè се сврте во 87. минута. Наместо барем три-четири гола предност на парижаните, следеше шок. Елиот гаѓаше во спротивниот агол за да му донесе победа на Ливерпул од 1:0 на тешкото гостување.

Во германското дерби, меч меѓу двете водечки екипи во Бундеслигата, Баерн на својата „Алијанц Арена“ го совлада Баер со 3:0, со што веќе со една нога е во четвртфиналето.

Баерн поведе во деветтата минута кога Кејн со глава ја упати топката крај самата статива. Многу брзо потоа Фримпонг можеше да израмни, но баварскиот тим доминираше во првото полувреме и не успеа да дојде до поголемо водство пред паузата.

Сепак, на стартот од вториот дел Баерн го постигна својот втор гол и истиот буквално му го подари голманот на Баер, Ковар. Тој ја испушти топката од раце, а Мусиала лесно ја прифати грешката и ја смести во мрежата за 2:0.

Баер доживеа нов удар во 62. минута кога остана со играч помалку поради вториот жолт картон на Мукиеле, а третиот гол следеше во 75. минута. Повторно стрелец беше Кејн, овојпат од пенал. На крајот, Баер можеше да се радува на овој пораз бидејќи домаќинот пропушти многу други шанси, а и стативите ги спасуваа гостите од Леверкузен.

Иако Барселона 70 минути играше со десетмина во Лисабон, на крајот победи со 1:0 против Бенфика и дојде до предност пред реваншот пред своите гледачи.

Бенфика подобро го отвори натпреварот и уште од стартот ја притисна Барселона, која се мачеше на стадионот „Луж“, а работите станаа уште потешки за гостите од 22. минута кога Кубарси беше исклучен поради груб старт кој го направи како последен играч.

Со текот на времето, Барселона се стабилизираше на теренот и почна подобро да му парира на својот бројно супериорен противник. Во 61. минута гостите поведоа по големата грешка на домашната одбрана. Рафиња тоа одлично гоискористи, повлече од 20 метри и постигна низок удар за победа на Барселона. Домашните притискаа до крајот на мечот, создаваа опасни можности пред противничкиот гол, но Шчечни во неколку наврати ги запра нивните најопсни обиди.

Фудбалерите на Интер направија голем чекор кон четвртфиналето, совладувајќи го Феенорд со 2:0 во Ротердам. Феенорд подобро го отвори натпреварот, а домашниот играч Осман имаше три шанси во воведните дваесет минути. И покрај доминацијата на холандскиот клуб, Интер се чинеше дека рутински ги одбиваше овие напади и ја чекаше својата шанса, а првата вистинска шанса ја имаше во 38. минута, која и заврши со гол.

Убавата акција на гостите заврши со асистенција на Барела и убава реакција на Турам, кој погоди за 1:0. Веднаш на стартот на вториот дел Интер го зголеми водството. Најпрвин Зиелински се обиде двапати, а топката се одби до Мартинез, кој малку откосо топовски биеше под гредата за 2:0. Тоа беше шести гол за аргентинскиот напаѓач во Лигата на шампионите оваа сезона.

Во 65. минута Интер имаше перфектна шанса да зголеми на 3:0, но пеналот на Зиелински го одбрани домашниот голман Веленројтер. Промашениот пенал не се почувствува многу врз играта на Интер, бидејќи најдобрата одбрана оваа сезона во Лигата на шампионите, која прими само еден гол, мирно го сочуваше водството од 2:0 до крајот на мечот.

Реваншите ќе се играат следниот вторник во Милано, Ливерпул, Барселона и Леверкузен.