
Карл Дин, сопругот на Доли Партон, почина во понеделникот на 82-годишна возраст. Тие беа заедно речиси 60 години, во дискретен брак далеку од центарот на вниманието и покрај славата на американската пејачка.
„Карл и јас поминавме многу прекрасни години заедно. Нема зборови со кои може да се опише љубовта што ја делевме повеќе од 60 години“, напиша кантавторката на социјалните мрежи.
Доли Партон го запознала Карл Дин во 1964 година пред пералницата „Wishy Washy“ во Нешвил, во сојузната држава Тенеси, истиот ден кога се преселила во главниот град на кантри музиката. Доли во тоа време имала 18, а Карл 21.
Двојката се венча две години подоцна, во мај 1966 година, на церемонија на која присуствуваа само мајката на Карл Дин, свештеникот и неговата сопруга. Во неговите 58 години брак со Доли Партон, Карл Дин остана дискретен и ги избегнуваше камерите.
„Ние сакаме да останеме во нашиот мал кампер и среќни сме што го одржуваме едноставно“, изјави Партон за списанието People. „Сакам да читам, сакам да готвам, сакам да бидам со мојот сопруг“, рече таа.
Двојката немаше деца.