Почна повтореното судење на Мерко за злоупотреба на службената должност

Започна главната расправа на судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра и уште три други автомобили во Струшкиот суд.

удот не го прифати предлогот за релативна застареност, бидејќи настанал прекин и судењето започна одново. Одлука за неприфаќање на приговорот за застареност на кривичното гонење претходно донесе и судијката Надица Митреска, која постапуваше по предметот. Поради прекин на рокот на застареност, сега апсолутната застареност на делото е во 2028 година.

Ревизорката Наде Бојаџиеска од Државниот завод за ревизија изјави дека според направената ревизија на Општината за 2018,  нема незаконитости во постапката за набавка на возилото.

За луксузниот автомобил „ауди А6“ и три други возила од општинскиот буџет беа потрошени 114.000 евра. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал го гони струшкиот градоначалник за злоупотреба на службената положба, бидејќи спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила, со што го оштетил буџетот.