Половина од светското загадување доаѓа од само 36 компании за фосилни горива

Овие 36 комапнии произведувале јаглен, нафта и гас и се одговорни за повеќе од 20 милијарди тони емисии на CO2 во 2023 година, а ако Saudi Aramco беше држава, ќе беше четвртиот најголем загадувач на светот по Кина, САД и Индија, додека ExxonMobil е одговорен за продуцирање на слично количество на загадување како и Германија, светски деветтиот најголем загадувач на планетава.

Половина од светските емисии на јаглерод, кои директно влијаат на глобалното затоплување и се најголем загадувач на планетава, доаѓаат од само 36 компании производители на фосилни горива, објавува британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на анализа за загадувањето, пренесува НетПрес.

Според објавениот текст, авторите на анализата тврдат дека податоците од 2023 година даваат силна потврда дека компаниите за фосилни горива се многу одговорни и многу придонесуваат во глобалното затоплување. Претходните верзии на годишниот извештај беа користени во правни случаи против компании и инвеститори.

Извештајот покажал дека 36-те големи компании за фосилни горива, вклучувајќи ги Saudi Aramco, Coal India, ExxonMobil, Shell и бројни кинески компании, произведувале јаглен, нафта и гас и се одговорни за повеќе од 20 милијарди тони емисии на CO2 во 2023 година.

„Ако Saudi Aramco беше држава, ќе беше четвртиот најголем загадувач на светот по Кина, САД и Индија, додека ExxonMobil е одговорен за продуцирање на слично количество на емисии на загадување како и Германија, светски деветтиот најголем загадувач на планетава“, пишува во извештајот.

Овие компании го држат светот силно приврзан на фосилни горива без планови за забавување на производството, смета Кристијана Фигуерес, шефица на ОН за климатските промени.

Saudi Aramco, Coal India, ExxonMobil, Chevron, Shell, TotalEnergies и BP (British Petrol) не одговориле на барањата за коментар.

Извештајот „Carbon Majors ги пресметува емисиите ослободени од согорувањето на јагленот, нафтата и гасот, а биле произведени од 169 големи компании во 2023 година. Базата на податоци ги вклучува и емисиите од производството на цемент, кои се зголемиле за 6,5% во 2023 година.

36-те компании одговорни за половина од глобалните емисии во 2023 година вклучуваат државни компании како China Energy, Националната иранска нафтена компанија, руски Газпром и Adnoc од Обединетите Арапски Емирати. Компаниите во акционерска сопственост во таа група ги вклучуваат Petrobras, со седиште во Бразил, и Eni, од Италија. Во 36-те компании доминираат државни претпријатија – дури 25. Десет од нив се во Кина, најголемата земја загадувач во светот.

Јагленот е извор на 41% од емисиите изброени во 2023 година, нафтата 32%, гасот 23% и цементот 4%.

Глобалните емисии мора да се намалат за 45% до 2030 година, ако светот сака да има добри шанси да го ограничи порастот на температурата на 1,5 Целзиусови степени, меѓународно договорената цел. Сепак, емисиите сè уште се зголемуваат.