САД ја исклучиле Украина од системот за предупредување од воздушни удари

Соединетите држави ја исклучиле Украина од системите за предупредување од воздушни удари, како и сателитските системи за целење на ракетните системи со долг дострел HIMARS, тврди дописникот на британскиот весник Economist, Оливер Керол во објавата на платформата Х.

„Америка ја исклучи клучната комуникациска линија за предупредување во 14 часот по киевско време. Пред тоа, податоците за целење на HIMARS. Украина, исто така, не добива информации во реално време за ударите со проектили со долг дострел. „Трамп сакаше благодарност“, вели извор. „Ќе го пишуваме на гробовите на мртвите Украинци““,  стои во објавата на  новинарот.

Претходно британската телевизија Sky News, повикувајќи се на неименуван украински извор, објави дека САД престанале целосно а не селективно, да ги споделуваат со Украина разузнавачките информации.

Во средата директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Џон Ретклифф, го потврди запирањето во споделувањето на разузнавачки информации.

Во средата утрото весникот Daily Mail објави дека Белата куќа ѝ забранила на Велика Британија да си споделува американските разузнавачки информации со Киев, откако претходно Вашингтон ја запре и воената помош за Украина. Според пишувањето на весникот, забраната се однесува на Управата за комуникации на Велика Британија, специјалната служба и разузнавачката единица во британското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, агенцијата Bloomberg News, повикувајќи се на анонимен источноевропски функционер, објави дека САД не ги предупредиле своите сојузници за запирањето на размената на разузнавачки информации со Украина, со што на сојузниците на Киев сега ќе им биде тешко да го компензираат престанокот на размена на важните западни разузнавачки информации благодарејќи на кои украинската војска успева некако да се спротистави на руските напади.

„САД не испратија известување до сојузниците за прекинот (на споделување на разузнавачките информации) … На сојузниците сега ќе им биде тешко да ја надоместат секој ваков прекин на информациите“, го цитира агенцијата соговорникот.

Британски неименувани функционери за Bloomberg потврдиле дека позицијата на САД во врска воената и разузнавачка поддршка на Украина се зацврстила по расправијата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот Володомир Зеленски минатиот петок во Белата куќа. Истовремено, еден од функционерите истакнал дека ситуацијата, сепак, може да биде поправена исто толку брзо доколку Киев и Вашингтон го потпишат договорот за ретките метали, поради кој Зеленски отпатува во Вашингтон на споменатата средба која се претвори во фијаско.

Вчера американската телевизија Fox News, повикувајќи се на високопозиционирани извори во администрацијата во Вашингтон, објави дека САД запираат со испораките на муниција и воена опрема во Украина, сѐ додека Трамп не се увери дека Зеленски е посветен на мировните преговори.

На оваа вест, полскиот премиер Доналд Туск потврди дека воениот аеродром во Жежов, главниот центар за испораки на оружје и хуманитарна помош во Украина, престанал да функционира во полн обем.