
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот одржа говор пред двата дома на Конгресот во кој ги претстави активностите на неговата администрација во првите 40 дена и најави дополнителни мерки, опишувајќи го првиот месец од неговиот мандат како најуспешен во американската историја.
„Првиот месец од мојот мандат е најуспешен во историјата“, рече Трамп, наведувајќи го Џорџ Вашингтон како втор најуспешен.
Рече дека неговата инаугурација пред шест седмици „ја навести зората на златната ерана Америка“. Досега немаше „ништо освен брза акција“, рече Трамп, додавајќи дека неговата администрација досега направила повеќе од која и да е друга во цели четири години. „А ние само што почнуваме“, рече тој.
До моите сограѓани, Америка се врати, рече Трамп во својот говор, на громогласни овации и аплаузи од републиканците. Потпишани се над 1.000 одлуки, ова е време за големи соништа, изјави американскиот претседател.
Во текот на целото обраќање на Трамп, републиканците во Капитол станаа со ракоплескање и одобрување, додека демократите држеа табли на кои пишуваше „Неточно“ и „Маск краде“.
Зборувајќи за брзите достигнувања на неговата администрација во првите 44 дена, Трамп го издвои проблемот со имигрантите, тврдејќи дека тие „одлучиле да не доаѓаат откако ги слушнаа моите закани“.
„Ја испратив американската војска и граничната патрола да ја одбијат инвазијата на границите на земјата“, рече Трамп додавајќи дека „нелегалните преминувања минатиот месец беа убедливо најниските досега забележани“.
Трамп потсети дека го преименувал Мексиканскиот залив во Американски залив и го прогласил англискиот за официјален јазик на Соединетите држави. Нагласи дека „американскиот сон е незапирлив“ пред да продолжи да ја фали својата надмоќна победа на изборите на 5 ноември, која ја нарече „мандат што не е виден со децении“ и изјави дека ги освоил сите седум сојузни колеливи држави, нешто што републиканците не го направиле со децении. Трамп потсети дека потпишал одлука со која се признаваат само два пола, машки и женски и им се забранува на трансродовите спортисти да се натпреваруваат во женски конкуренции.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, републиканец, наложо демократскиот претставник Ал Грин да биде отстранет од салата за време на отворањето на седницата, посочувајќи му дека тој ја нарушил пристојноста стоејќи за време на говорот и прекинувајќи го претседателот.
Американскиот претседател во својот говор се пофали со намалување на инфлацијата и пад на каматните стапки. Тој му се заблагодари на Илон Маск, кој исто така беше во салата, за кратењата што новоформираниот Оддел за владина ефикасност (DOGE) ги направи за да ги намали владините трошоци.
Неопходно е спасување на економијата
„Да ја направиме Америка повторно пристапна“, рече Трамп, ветувајќи дека ќе ја спаси американската економија. „Меѓу моите врвни приоритети е спасувањето на нашата економија и обезбедувањето олеснување“ на работничките семејства, рече Трамп.
Ја обвини претходната администрација на демократите и Џо Бајен, велејќи дека наследил „економска катастрофа и кошмар од инфлација“, додавајќи дека „секој ден се бори“ да направи пресврт во таквата сосотјба и „Америка да ја направи повторно пристапна“.
Го обвини неговиот претходник Џо Бајден за вртоглавото зголемување на цените на јајцата во последниве денови, велејќи дека тие се „надвор од контрола“ и дека напорно работи да ги урне.
Трамп укажа на големиот дефицит со Мексико и Канада, тврдејќи дека наметнувањето царини за овие две земји ќе го поттикне бумот на автомобилската индустрија во САД.
Канада и Мексико „дозволија фентанил во нашата земја на нивоа што досега не биле видени“, рече Трамп. Белата куќа претходно соопшти дека високите царини што САД ги наметнуваат на стоки од Канада и Мексико имаат цел да ги притиснат да го запрат протокот на фентанил и мигранти во САД.
Американскиот претседател, исто така, вети намалување на даноците за сите и ги повика демократите да гласаат за овие предложени промени.
Сè што е направено во првите 40 дена е доказ дека работиме на големото ослободување на Америка, рече Трамп, истакнувајќи дека САД добиле 1,7 трилиони долари нови инвестиции „само во последните неколку семици“.
Се залагаше за враќање на безбедноста во американските градови и за безбедноста на американските полицајци. Тој, исто така, го повика Конгресот да донесе закони за зајакнување на границите и најави криминализирање на промената на полот.
Панамски канал, Гренланд, Блискиот исток, Украина
„Мојата администрација ќе го бара Панамскиот канал и веќе почнавме да работиме на тоа“, рече Трамп, мислејќи на прашањето за преземање на управувањето со Панамскиот канал, што тој претходно го најави. Според него, голема американска компанија денеска објави дека ги купува двете пристаништа во Панамскиот канал. Тој најави и стимулирање на бродоградежната индустрија.
„Вечерва имам и порака за неверојатниот народ на Гренланд: ние силно го поддржуваме вашето право да ја одредите сопствената иднина“, рече Трамп. „И ако одлучите, ние ви посакуваме добредојде во Соединетите Американски Држави“, рече тој, наведувајќи дека на САД им е потребен Гренланд „за национална безбедност и меѓународна безбедност“ и дека мисли дека „на овој или оној начин ќе го добиеме“.
Преминувајќи кон Блискиот исток, Трамп рече дека работи на „враќање на нашите заложници од Газа“. Тој ги пофали Авраамските договори како голем успех постигнат за време на неговиот прв мандат и најави дека „сега ќе се изградиме на овие основи“. Додаде дека луѓето „не зборуваат многу“ за Блискиот исток, бидејќи се наметнало прашањето за Украина и Русија.
Мала група демократи стана и излезе од салата кога Трамп зборуваше за Украина. Тврдејќи дека милиони Украинци биле убиени и дека САД испратиле стотици милијари долари помош, Трамп рече дека сака војната да престане. Тој ја критикуваше Европа, тврдејќи дека потрошила повеќе пари на руска нафта отколку на помош за Украина.
Трамп го наведе претседателот Володимир Зеленски и неговата изјава од вторникот вечерта. „Украина е подготвена да дојде на преговарачката маса, мојот тим е подготвен и ние навистина го цениме сето она што САД го направија за нас“, рече Зеленски по прекинот на разговорите во петокот. Украина е подготвена да потпише договор за минерали од ретки земји, рече Трамп, велејќи дека е време да се запре убивањето и да се разговара со двете страни.
Трамп го заврши својот говор повикувајќи се на храброста и борбеноста на своите предци и, пропратен од овации од пратениците, вети американско знаме на Марс.