Зеленски гледа „позитивно придвижување“ во соработката со САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во средата дека има „позитивни придвижувања“ во соработката со Соединетите држави што може да доведе до нова средба наскоро.

Киев се обидува да ги поправи врските со Вашингтон откако Зеленски минатата седмица јавно се судри со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа за тоа како да се стави крај на војната во Украина.

„Денеска нашите украински и американски тимови почнаа да работат на состанокот. Разговараа Андриј Еермак и Мајк Валц“, рече Зеленски во вечерното обраќање, мислејќи на неговиот шеф на кабинет и американскиот советник за национална безбедност. „Тоа е позитивен развој. Се надеваме на првите резултати следната седмица“.

Еермак претходно рече дека Киев и Вашингтон се согласиле на нови разговори „во блиска иднина“, по телефонскиот повик со Валц.

Претходно во средата, Валц рече дека Соединетите држави разговараат со Украина за датумот и локацијата на можните разговори и ја истакна можноста таму да се постигне мир.

Ермак на Telegram напиша дека тој и Валц „разговарале за нови мерки што треба да се преземат за да се постигне правeден и траен мир“ во Украина. „Се договоривме нашите тимови да се сретнат во блиска иднина за да ја продолжат оваа важна работа“, додаде тој.

Зеленски во вторникот рече дека Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро и да работи под „силното водство“ на американскиот претседател Трамп за да постигне траен мир.

Ден претходно, Зеленски на социјалната мрежа Х напиша дека жали што средбата со американскиот претседател „тргнала наопаку“ и изразил подготвеност да работи под „силното раководство“ на Трамп за постигнување мир.

Зеленски во вторникот на социјалната мрежа Х објави дека е подготвен да го потпише договорот, велејќи дека жали за средбата во Овалната соба.

„Нашиот состанок во Вашингтон во Белата куќа во петокот не помина како што требаше. Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро за да се приближи до траен мир“, напиша Зеленски во својата објава.

Како што забележува NYT, шефот на Белата куќа очигледно реагирал позитивно на зборовите на Зеленски. „Сепак, Трамп ја потврди неговата забрана за дополнително оружје и друга важна помош за Украина“, се вели во написот.