Градоначалникот Стефковски приреди ифтар-вечера во чест на Рамазан-бајрам

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски вчеравечер приреди ифтарска вечера во чест на рамазанскиот пост за припадниците на исламската вероисповед.

„Овие трпези се симбол на заедништвото, меѓусебното почитување и толеранција, кои со векови наназад ги собираат на едно место граѓаните без разлика на нивната вера“, истакна Стефковски.

„Оваа година рамазанскиот и велигденскиот пост се во истиот временски период, а тоа претставува уште една можност да го покажеме нашиот соживот, да се однесуваме со взаемна почит едни кон други. Само со почитување на различноста ќе создадеме општество на силни индивидуи кои ќе ја градат Република Македонија“, заклучи градоначалникот Стефковски.

На ифтар вечерата присуствуваа претставници на Исламската верска заедница, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министерот без ресор Шабан Салиу, замениците министри Ѓоко Велковски и Ерџан Селими, пратениците Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу, претставници на сите албански политички партии и голем број на граѓани.