
Дебелината станува сè поголем проблем кај населението, а експертите предупредуваат дека досегашните напори не се доволни. Потребни се порадикални мерки, вклучувајќи воведување на даноци за засладени пијалаци, забрана за рекламирање на нездрава храна и јасни регулативи за обележување на преработените производи, со цел потрошувачите да носат информирани одлуки.
Ова се дел од предлозите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој укажува дека зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање и ниската физичка активност придонесуваат кон растечката криза.
„Во Северна Македонија, како и во многу други земји, дебелината е резултат на економски промени, маркетиншки стратегии насочени кон нездрава храна и сè по седечкиот начин на живот. Ги повикуваме надлежните институции итно да преземат системски мерки за да се спречи оваа епидемија“, стои во соопштението на ИЈЗ.
Според податоците на Институтот, 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години имаат прекумерна тежина, а 13,8% од нив страдаат од дебелина. Дополнително, 4,4% од децата се со екстремна дебелина, што претставува алармантен проблем.
Експертите истакнуваат дека дебелината не е само прашање на личен избор, туку сериозна болест што ја зголемува веројатноста за срцеви заболувања, дијабетес и рак. Поради тоа, таа мора да стане приоритет во здравствените политики и да се третира како хронично заболување, соодветно на нејзиното влијание врз јавната здравствена состојба.