
Лидерите на земјите членки на Европската унија на денешниот специјален Европски совет не успеаја да постигнат консензус за предложените заклучоци за поддршка на Украина, откако со нив не се согласил унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во усвоената официјална верзија на заклучоци во само три точки се посочува дека членовите на Европскиот совет имале размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека на прашањето за Украина ќе се навратат на својот следен состанок.
„Европскиот совет разговараше за последните случувања во однос на Украина, се наведува кусо во документот, при што се додаваа дека предложените заклучоци за усвојување биле „цврсто поддржано од 26 шефови на држави или влади“.
Поради ветото на Орбан, овие предлози за Украина не се вклучен во официјалните писмени заклучоци од Самитот, туку само се приложен како посебен текст под ознаката „документ ЕУЦО 10/25“.
Во „документот ЕУЦО 10/25“ се посочува дека ЕУ од самиот почеток застана на страна на Украина за нејзиното вродено право на самоодбрана против руската агресија и ќе продолжи да стои покрај земјата и нејзиниот народ.
„Не може да има преговори за Украина без Украина, ниту преговори кои влијаат на европската безбедност без учество на Европа“.
„Украинската, европската, трансатлантската и глобалната безбедност се испреплетени. Примирје или прекин на огнот може да има само како дел од процесот што води кон сеопфатен мировен договор. Секој таков договор треба да биде придружен со силни и веродостојни безбедносни гаранции за Украина кои придонесуваат за одвраќање на идната руска агресија. Мирот мора да ги почитува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, се наведува во „документот ЕУЦО 10/25“.
Во него натаму се потенцира дека постигнувањето „мир преку сила“ бара Украина да биде во најсилна можна позиција, пред, за време и по преговорите за завршување на војната, па за таа цел, ЕУ „останува посветена, во координација со истомислениците и сојузниците, да обезбеди засилена политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ и да го засили притисокот врз Русија, вклучително и преку дополнителни санкции и со зајакнување на спроведувањето на постоечките мерки, со цел да ја ослабне нејзината способност да продолжи да ја води својата агресивна војна“.
Во неусвоените предлог-заклучоци се наведува и дека ЕУ ќе продолжи да и обезбедува на Украина редовна и предвидлива финансиска поддршка и за таа цел во 2025 година ќе и додели 30,6 милијарди евра, од кои 12,5 милијарди евра од Украинскиот механизам и 18,1 милијарда евра профитите од замрзнатите руски средства.
Натаму во текстот се вели и дека Европскиот совет ја поздравува подготвеноста на земјите членки итно да ги засилат напорите за задоволување на итните воени и одбранбени потреби на Украина, особено со испорака на системи за противвоздушна одбрана, муниција и проектили, обезбедување на потребната обука и опрема за украинските бригади и другите потреби.
„Во светлината на преговорите за сеопфатен, праведен и траен мир, Европската Унија и земјите членки се подготвени дополнително да придонесат за безбедносните гаранции врз основа на нивните соодветни надлежности и способности, во согласност со меѓународното право, вклучително и со истражување на можната употреба на инструментите на заедничката безбедносна и одбранбена политика. Безбедносните гаранции треба да се преземат заедно со Украина, како и со истомислениците и партнерите од НАТО“, се потенцира за документот.
Во него се нагласува и природното право на Украина да ја избира сопствена судбина, врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право, како и дека ЕУ ќе ја интензивира поддршката за реформските напори на Украина на нејзиниот пат кон членство во Унијата.
Како дополнителна точка во предложените заклучоци се наведува и дека Европскиот совет ги повикува Комисијата, Словачка и Украина да ги интензивираат напорите за изнаоѓање функционални решенија за прашањето за транзитот на гас, притоа земајќи ја предвид загриженоста што ја искажува Словачка.
Станува збор за прекинот на испораката на руски гас преку гасоводот што минува низ украинска територија од 1 јануари годинава, од што особено е погодена Словачка и Братислава инсистира ЕУ да го засили притисокот врз Киев да се согласи на обнова на транзитот на енергенсот преку Украина.