
Пинтија денеска испиша ново поглавје во својот развој. По децении без соодветни спортски услови, оваа населба за првпат доби затворена спортска сала – современ простор кој ќе овозможи квалитетна настава по физичко образование и подобри услови за спорт и рекреација. Со површина од 350 м², салата ќе им служи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ и на сите млади спортски таленти од оваа населба. Го носи името на Александар Стојчев – храбриот бранител од Пинтија кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. На овој начин, неговото име и дело остануваат трајно врежани во колективната меморија на оваа заедница. Изградбата на салата беше реализирана со поддршка од „ТИТАН Усје“.
-Денес правиме значаен чекор за Пинтија и за целата општина Кисела Вода. Со гордост ја пуштаме во употреба првата затворена спортска сала во оваа населба – простор кој ќе им овозможи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ да имаат современи услови за физичко образование, спорт и рекреација. Овој проект е доказ за нашата посветеност на унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри можности за младите. Особено ми е чест што оваа сала го носи името на нашиот херој, Александар Стојчев, кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. Неговата жртва никогаш нема да биде заборавена, а денешниот настан е и симбол на нашата почит кон неговото семејство, кое е денес тука со нас.
Со отворањето на оваа сала не само што создаваме подобри услови за младите, туку и испраќаме јасна порака – Пинтија се развива како никогаш досега! Оваа населба, која со години беше запоставена, денес добива целосно нов лик со капитални инвестиции какви што никогаш досега не биле реализирани. Изградивме плоштад на местото на некогашната дива депонија, ги реконструиравме улиците низ целата населба, а со изградбата на фекалната канализација решaваме долгогодишен инфраструктурен проблем на жителите. И денес, на овој свечен ден, го заокружуваме овој развоен циклус со отворањето на првата затворена спортска сала во Пинтија – салата “Александар Стојчев”. Со овој проект, нашите ученици конечно добиваат современ простор за физичко образование, за спорт и за развој на нивните потенцијали во услови какви што заслужуваат.
Сакам да се заблагодарам и на “ТИТАН Усје” за нивната поддршка во реализацијата на овој проект. Ова е пример како заедничките вредности, одговорноста и визијата за подобро утре можат да донесат вистински промени во заедницата“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека Општина Кисела Вода и во претстојниот период ќе продолжи со реализација на проекти кои значат подобрување на условите и подобар животен стандард за сите граѓани.