Трамп: Мексико нема да плаќа царини за стоки опфатени со договорот УСМЦА до 2 април

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Мексико нема да мора да плаќа царини за која било стока опфатена со трговскиот договор меѓу САД и Мексико и Канада (УСМЦА) до 2 април.

– По разговорот со мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, се согласив дека Мексико нема да мора да плаќа царини за ништо што спаѓа во договорот УСМЦА (САД-Мексико-Канада), напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“.

Како што наведе, овој договор важи до 2 април.

– Го направив ова како отстапка и од почит кон претседателката Шејнбаум. Нашите односи беа многу добри и работиме напорно заедно на границата, како во однос на спречувањето на илегалните имигранти да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанилот, напиша Трамп, заблагодарувајќи и се на мексиканската претседателка за нејзината напорна работа и соработка.

Од друга страна, Шејнбаум рече дека денеска имала „одличен и полн со почит“ разговор со нејзиниот американски колега Доналд Трамп, кој се согласил да ги паузира американските царини за мексиканскиот увоз што се во согласност со постојниот трговски договор УСМЦА.

Шејнбаум на X напиша дека САД и Мексико ќе продолжат да работат заедно за да го запрат протокот на опиоидниот фентанил од Мексико во САД, како и да се борат против трговијата со оружје од САД во Мексико.

Американскиот министер за трговија Хауард Лутник претходно изјави дека едномесечното одложување на високите царини за стоки увезени од Мексико и Канада, што беше одобрено за автомобилски производи, најверојатно ќе се прошири на сите производи опфатени со трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада.

Лутник за Си-Ен-Би-Си изјави дека се надева оти Трамп ќе го соопшти продолжувањето денеска, еден ден откако ги иззема автомобилските стоки од царините од 25 отсто што ги воведе на увозот од Канада и Мексико претходно оваа недела.