Закажана е средба на делегациите на САД и на Украина за 11 март

Украинската и американската делегација ја продолжија работата и треба да се сретнат следната недела, објави претседателот Володимир Зеленски на Специјалниот европски совет.

– Украина не само што е подготвена да ги преземе неопходните чекори за мир, туку и ние предлагаме кои се тие чекори – рече Зеленски од Брисел, изразувајќи надеж за „смислен“ дијалог со американските власти.

Дописникот на „Фокс њуз“ од Белата куќа Џеки Хајнрих напиша на X дека разговорите се закажани за 11 март и ќе го вклучи Андриј Јермак, шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.

Во американската делегација, наводно, ќе бидат и пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток Стив Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц.

Најавата дојде откако тензиите меѓу Киев и Вашингтон се зголемија по жестокиот вербален судир минатиот петок во Овалната соба меѓу Зеленски, Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на 28 февруари.

Спорот го наруши планираниот билатерален договор за природните ресурси на Украина и доведе до тоа Трамп да ја замрзне сета воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина.

Валц на 5 март предложи дека Трамп би можел да ја укине паузата за воената помош откако ќе се договорат мировните преговори и ќе се преземат мерки за градење доверба, објави Ројтерс.