
„Успехот на секоја жена е инспирација за друга. Денес сме опкружени со бројни примери на успешни жени кои секојдневно докажуваат дека посветеноста, упорноста и трудот се вреднуваат во општеството. Според одредени научни истражувања, жените на лидерските позиции во централните банки претставуваат значаен столб во справувањето со бројните предизвици“, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервјуто за Агенцијата „Марили“ по повод Меѓународниот ден на жената, во кое се осврнува на повеќе актуелни теми во однос на макроекономската состојба, но и на женското лидерство во времиња кога нашата држава се соочува со значителни предизвици. Притоа, и покрај предизвиците, Народната банка посветено работи и на структурни проекти во повеќе домени. Оваа посветеност на тимот на Народната банка е позитивно оценета од страна на релевантни меѓунарoдни институции, а последна во низата е вчерашната одлука на Европскиот совет за плаќања, којшто позитивно го оцени поднесеното барање и извести дека нашата држава стана 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
„Пристапот кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) е историски исчекор којшто им овозможува на нашите банки, и покрај тоа што не сме членки на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Се очекува дека овој процес ќе донесе повеќе придобивки за целокупната економија, коишто сигурно ќе бидат највидливи во однос на заштедата на средства и време при вршењето плаќања кон земјите од Европската Унија. Ако се земе предвид дека во моментов, трошоците за плаќањата од ЕУ кон земјите од Западен Балкан се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ, СЕПА би требало да доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања“, истакна Ангеловска-Бежоска посочувајќи дека за граѓаните, членството во СЕПА е особено значајно во делот на намалувањето на трошоците за дознаките од странство.
Според процените на Светската банка, трошоците за дознаките би се намалиле за околу 3 отсто, што ќе доведе до заштеда од половина милијарда евра на ниво на регионот на Западен Балкан. Инаку, трошоците за дознаки во моментов се проценуваат на околу 6,71 отсто од вкупната трансакција.
„Членството во СЕПА би придонесло за побрза дигитална трансформација на нашиот финансиски сектор. Со намалувањето на зависноста од готовинските трансакции и застапувањето на дигиталните начини на плаќање, ќе се поддржи развојот на помодерен, побезбеден, флексибилен и инклузивен финансиски екосистем“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска во интервјуто за Агенцијата „Марили“ во кое се осврна на потребата од поголема вклученост на жените при пристапот до финансии, како и на примената на дигитализацијата од страна на жените претприемачи, но и на зголемувањето на развојот на женското претприемаштво во нашата земја заради поцелосно и ефикасно користење на целиот човечки потенцијал и остварување поголем економски раст.