Филков: Не смееме да дозволиме жртвите од кривични дела со насилство да остануваат без заштита, а насилниците да останат неказнети

На Третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, министерот за правда Игор Филков порача дека нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец.

„Родовата рамноправност не е само морална вредност. Таа е основен столб на современото правно и демократско општество. Оваа концепција е вградена во бројни законски и подзаконски акти, но, за да биде целосно реализирана, мора да ја практикуваме без компромиси, без стереотипи и без предрасуди.

Родовата еднаквост не е само право, туку и обврска. Нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец. Загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права “,рече министерот за правда Игор Филков.

Министерот Филков посчи дека ние сме една од првите земји кои во 2011 година ја потпиша Истанбулската Конвенција. По нејзината ратификација во 2018 година, ги направивме првите законски измени кои го криминализираат родово базирано насилство и ја воведуваат новата квалификација за фемицид, со предвидени строго дефинирани казни. Кривичниот Законик веќе е изменет и усогласен со Истанбулската Конвенција.

За кривичното дело, убиство – фемицид, предвидена е најмалку десет години затворска казна или доживотен затвор при вршење на родово-базирано насилство.

Постигнат е напредок и со носењето на Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Со ова се спречува секундарна виктимизација како дополнително страдање на жртвите, од кои најголемиот дел се жени. Во октомври 2024 година ја отворивме канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство, која успешно функционира и ги процесира постапките.

„Секој случај на родово базирано насилство, секој случај на фемицид е трагедија која мора да не поттикне да дејствуваме побрзо и посилно. Нашата заложба е јасна: нема да дозволиме системски пропусти. Не смееме да дозволиме жртвите да остануваат без заштита, а насилниците да останат неказнети. Правосудството, обвинителствата и сите релевантни институции мора да бидат насочени кон ефективен и решителен пристап, со силен акцент на сериозноста на овие дела и нивното општествено влијание.

Затоа, Министерството за правда ќе продолжи да вложува во правниот систем, за да обезбеди вистинска заштита за сите жртви и ќе продолжиме да работиме на унапредувањето на пристапот до правда”,потенцира министерот Филков.