
Посетата на претседателот Зеленски на Белата куќа заврши и пред да почне. Тоа што требеше да претставува куртоазен дел од средбата, се претвори во отворена и непријатна кавга. Барањето на виновникот на ваквиот немил настан нема ништо да промени. Односите на САД со Украина доживеаа сериозен удар. Одлуката на претседателот Трамп да ја запре американската воена помош, во суштина значи прекин на сојузништвото меѓу двете држави. Дополнително, прекинувањето на американските сајбер напади врз Русија, значи обнова на соработката со неа. Потребно е САД уште делумно да ги укинат и санкциите кон Русија, за што веќе се шпекулира, за нивните односи да почнат да се движат по нагорна линија. Украина ќе нема веќе маневарски простор. Ќе мора да ги прифати американските идеи за решавање на судирот со Русија. Старата македонска изрека – „тој што го молиш не го куди“, се покажа исправна на дело. Три дена по бомбастичките изјави на претседателот Зеленски во Лондон, за барање на гаранции, но и за тоа дека „мирот е многу, многу далеку“, плус арогантната изјава во која вели дека доколку духот на Украина не е висок, сите ќе отидат доле, тој го смени ставот. Изминатиов вторник, изјави дека жали за тоа што се случи во Белата куќа. „…Никој не сака бесконечна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачката маса што е можно побрзо и доколку е можно да го донесе трајниот мир поблиску. Никој не сака мир повеќе од Украина…“.
И ова не е некое изненадување. Зачудувачко изненадување претставува реакцијата на Европа. Претседателот Зеленски уште не ја напушти Белата куќа, а подршка за неговиот „настап“ стигна од лидерите на поголемиот број европски држави. Високата преставничка за надворешна и безбедносна поитика на Европската Унија, отиде до таму што укажа дека САД не се веќе лидери и Европа требе да го преземе лидерството во слободниот свет. Некоректно е, но треба да се каже. Изјавите, не само оваа, на високава преставничка укажуваат дека таа облекла два-три броја поголеми чизми. За нејзинат среќа, нејзината улога на европската театарска сцена, не е многу приметлива.
Претседателот Зеленски од Вашингтон отпатува директно во Лондон. Изминатава недела премиерот на Велика Британија беше домаќин на девет шефови на држави и влади плус преставници од Турција и Канада. Тема на средбата беше продолжувањето на подршката на Украина, зајакнување на европските безбедносни и одбрамбени капацитети и размена на идеи за мировниот договор помеѓу Русија и Украина. По завршувањето на средбата, како што е редот, изјава за медиумите даде домаќинот. Тој во своето обраќање истакна дека е формирана „колиција на воља“, која е отворена за сите што се заинтересирани да помогнат. Истовремено, потенцирајќи дека Европа е на историска раскрсница го истакна договореното: Велика Британија, Франција и останатите да работат со Украина на план за запирање на борбите – за овој план ќе се зборува со САД и заедно ќе истапат со него; да се продолжи со воената помош на Украина; за неа да има место на мировните преговори; европските лидери да овозможат одбивање на секоја идна руска инвазија; и колиција на воља да биде формирана која ќе ја брани Украина и ќе го гарантира мирот; Европа ќе ја заврши најтешката работа во мировниот договор, но договор со САД за подршка е потребен.
Секој еден што не знае кои се изготвувачите на овие заклучоци, прво што ќе му падне на памет е дека тоа е дело на послаби студенти по меѓународни односи. Поинаку не може да се објасни ваквиот игнорантски однос на присутните кон реалноста на теренот. Прво, тие целосно го игнорираат фактот дека за Русија војната со Украина е прашање од поширок безбедносен аспект. Нешто што претседателот Трамп, одлично го согледа. Апсурдно е Велика Британија, Франција и евентуално некоја друга држава, да седнат и да се договорат на нацрт мировен план, без претходни разговори со Русија. Ниту на САД, ниту на Русија, нема европска сила која може да и наметни такво нешто. Уште помалку е возможно САД да разговараат со европските држави за мировен план, што тие ќе го предложат. Изминатиов понеделник, Претседателот Трамп на платформата „X“ се произнесе за лондонскиот план. ,,…Најверојатно не е дадена голема изјава во смисла да и’ се покаже сила на Русија. Тие што мислат?“. Неговиот потпретседател Венс отиде чекор понатаму и во интервју за „Fox News“ изјави: ,,…Доколку сакате реални безбедносни гаранции, ако сакате всушност претседателот Путин повторно да не ја нападне Украина, најдобри гаранции се да им се дадат на САД економски повластици за иднината на Украина. Ова е далеку подобра безбедносна гаранција отколку 20.000 војници од некои случајни избрани земји кои не војувале во последниве 30 или 40 години…“. Поголема навреда ниту Франција, ниту Велика Британија не можеа да доживат.
Неполни 24 часа по завршувањето на средбата францускиот претседател Макрон го објави, според негови зборови, француско-британскиот предлог за прекин на воените дејствија. Според планот, Украина и Русија ќе прогласат прекин на огнот во траење од месец дена на воените активности во воздух и на вода, како и од напади на енергетски објекти. Копнените воени операции би продолжиле. Доколку Русија се придржува кон ваквиот прекин на огнот, тогаш таа, според Макрон, е подготвена за мировни преговори. Британската страна веднаш демантираше дека ваков план постои. За такво нешто воопшто не е разговарано. Во крајна линија, воопшто не е важно дали е разговарано или не. Тоа што е важно е фактот дека ваков несериозен предлог доаѓа од човек кој е исклучителен интелектуалец и познавач на глобалните текови. Едноставно, неговиот мировен предлог во ваква форма може да го прифати само пијан руски генерал. За воља на вистината и Зеленски. Тој паралелно со прифаќањето да продолжи да работи со САД изјави дека го прифаќа францускиот предлог, дополнет со барање за размена на заробениците. Нешто што рускиот министер за надворешни работи веднаш го одби. Според него, присуство на европски сили во Украина би значеле почеток на војна помеѓу Русија и НАТО.
Покуси не беа и останатите европски лидери. Сите тие, освен италијанската премиерка Мелони и унгарскиот и словачкиот премиер, изрекоа едно чудо нелогични мисли. Главна мантра е заканата од Русија по безбедноста на Европа. Отидоа до таму што предвидоа дека Русија следно ќе ја нападне Романија, или Моладавија. При тоа не даваат никакво објаснување зошто Русија тоа би го направила. Кои би биле нејзините мотиви да изврши агресија врз која и да било друга европска држава. Уште повеќе, како замислуваат дека Русија ќе се осмели да нападне членка на НАТО. Тоа би значело Трета светска нуклеарна војна. Во моментов такво нешто не посакува никој од големата тројка. Ниту САД, ниту Русија, ниту Кина.
Најдалеку отиде претседателката на Европската комисија. Таа најави нацрт на план кој предвидува Унијата во следниот период да потроши 800 милијарди евра за вооружување. При тоа, 150 милијарди евра, во наредниве четири години ќе им се остапат на европските држави, во вид на заеми. Исто така, на нив ќе им се овозможи лимитот на буџетскиот дефицит од 3% да може да се зголеми само за одбрана за 1,5%. На овој начин би се обезбедиле околу 650 милијарди евра. Вкупната сума потребна за вооружување на европските армии всушност е истата сума која беше побарана и од поранешниот премиер на Италија, Марио Драги. Тој за потребите на Унијата, мината година, изработи план за зајакнување на нејзината конкурентност. За тој план веќе никој не зборува.
Имајќи ја во предвид големината на сумата, за европски услови, работите изгледа стануваат појасни. Постојаното укажување за опасноста од руска агресија; постојантото инсистирање на мировни услови кои всушност значат продолжување на војната, имаат две цели. Едната е делумно да ги задоволат барањата на претседателот Трамп, а втората преку поттикнувањето на европската одбрамбена индустрија, да обезбедат брз развој на економиите. Потенцирајќи ја руската опасност, тие всушност се обидуваат да влијаат на сопственото јавно мнение. Тоа да прифати нови задолжувања за потребите на одбраната. Во своето обраќање до нацијата, изминатава среда, претседателот Макрон истакна: „Француската нација има потреба од вас. Политичките одлуки и воената опрема се само еден дел од мозаикот“. Отиде и чекор понатаму. Ја опиша Русија како закана за Франција и Европа и најави разговори за можноста француските нуклеарни сили да бидат во функција на европско одбивање. Искористи веќе позната тактика на обединување на нацијата, но и на останатиот дел од гласачите во Европа, а во функција на маргинализација на критиките. Руската страна ова го оцени како директна закана.
Нешто, што на старт се покажа како тешко остварливо. Францускиот парламент, веќе на првата дебата по ова прашање се подели. Двајца италијански министри веќе предупредија на опасноста од брзање, а опозицијата истакна дека е недозволиво да се земаат кредити за вооружување. Бугарската потпретседателка, јасно стави до знаење дека предлогот на Европската комисија треба да се гледа и од аспект на ефектите на фондовите на Унијата за локален и регионален развој.
Ваквите забелешки и критики не се ништо ново или непознато за процесите на одлучувањето во Унијата. Нов е фактот дека европската одбрамбена индустрија не е равномерно распространета. Најголем број на компании се во Франција, Германија, Чешка и Италија. Тоа значи дека овие 800 милијарди евра, во најголем дел, ќе се потрошат во овие држави. Неразумно е да се очекува дека за четири години, сериозни воено-индустриски комплекси ќе се формираат, на пример во Грција, Бугарија или Унгарија. Друго е прашањето што е индустриите кои постојат и се на светски ниво не можат така лесно да ги зголемат своите капацитети. Посебно доколку немаат предвидлив и сигурен пазар. Претседателот Макрон и за ова има одговор: „…Франција предлага зголемување на одбрамбената потрошувачка и инвестира во овозможување европските нации да купат оружје, муниција и одбрамбени потребштини од европски извори. Тоа значи реиндустријализација на нашиот регион…“. Шпанците веднаш му вратија. Бараат заедничка координација во трошењето на средствата за да се избегне дисбалансот во корист на одредени држави. Италијанската премиерка Мелони, исто така, искажа загриженост потсетувајќи дека вооружувањето само по себе не ја гарантира безбедноста.
Еуфоријата на европската политичка елита да се зголемат буџетите за обрана може да се разбере, нема некоја поголема логика. Стимилурањето на воената индустрија, тешко дека ќе може да ги замени предлозите за сериозни реформи кои би ја потикнале веропската конкурентност и иновативност. Нешто што може потешко, но поефикасно, да се спроведе доколку се седне и се разговара со Русија за изградба на мерки на вазаемна доверба и соработка. Ако САД и Русија тоа го прават во моментов, не постои ни една здрава логика која би и’ попречило на Унијата да го следи тој пат. Проекциите дека поттикнувањето на воената иднсутрија ќе го зголеми БДП од 1% на 1,5% се само добра вест. Одржувањето и зголемувањето на европската благосостојба побарува многу поголем раст. На Унијата само така ќе и’ никнат заби, а не со вооружување.
Република Македонија, не е членка на Унијата. Таа нема никаква потреба да зема кредити заради вооружување. Исполнувањето на актуелното НАТО барање е сосема доволно.
Имаме многу поголеми и поважни области во кои треба значајни вложувања. Во крајна линија од нив ќе зависи нашето приближување кон Унијата, а не од вооружувањето. Уште помалку од вербално или фактичко приклучување кон нереални иницијативи. Свесноста дека сме мали и слаби побарува да размислуваме трезвено и прагматично.
Автор: Јован Донев за НетПрес