Трамп испратил писмо до иранскиот водач во кое нуди преговори за нуклеарен договор

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека сака да преговара за нуклеарен договор со Иран и дека испратил писмо до иранското водство оваа седмица во кое предлага разговори, во време кога Западот стравува дека Исламската Република се приближува кон производство на нуклеарно оружје.

„Се надевам дека ќе преговараат, бидејќи тоа би било многу подобро за Иран“, рече Трамп во интервју за Fox Business Network.

Иранската мисија во Обединетите нации во Њујорк во петокот соопшти дека Иран сè уште не го добил писмото.

„Се приближуваме до последната фаза со Иран. Ќе биде интересен период. Ќе видиме што ќе се случи. Не можеме да им дозволиме да добијат нуклеарно оружје“, рече Трамп во интервјуто правено во Овалната соба.

Една од иранските новински агенции Nour News блиска до највисокото безбедносно тело во земјата, го отфрли писмото на Трамп, нарекувајќи го „повторување на веќе видена претстава на Вашингтон“.

„Ситуацијата со Иран може да се реши на два начина – воено или со договор. Би сакал да постигнеме договор, бидејќи немам намера да му наштетам на Иран. Иранците се одлични луѓе“, рече Трамп.

Потврди дека го испратил писмото до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, познат по жестокото противење на Западот.

Заедничкиот сеопфатен план за акција за иранската нуклеарна програма (JCPOA) од ноември 2015 година потпишан меѓу Иран и шесте светски сили САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија, предвидуваше укинување на децениските санкции против Иран во замена за ограничувања на неговите нуклеарни активности.

Но САД под водство на Трамп во 2018 година еднострано се повлекоа од договорот барајќи тој да ја опфати и иранската ракетна програма и ги вратија децениските санкции. Откако европските потписнички на договорот не успеаја поради санкциите да ги исполнат своите обврски во економијата, Иран започна со постепеното суспендирање на своите обврски, во прв ред на оние за ограничување на степенот на збогатување на ураниумот и неговото количество.

Се смета дека Трамп би можел да го искористи она што американските власти го гледаат како ослабен Иран. Милитантните групи на Блискиот исток поддржани од Иран, палестинскиот Хамас во Газа и Хезболах во Либан претрпеа големи загуби од израелските сили, а сирискиот претседател Башар ал Асад, близок сојузник на Техеран, беше соборен од бунтовниците.

Минатогодишните израелски напади врз иранските воени објекти, вклучително и ракетни фабрики и системи за противвоздушна одбрана, беа одговор на иранските ракетни и беспилотни напади врз Израел и, според американски извори и независни аналитичари, ги намалија конвенционалните воени капацитети на Техеран.