
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за воспоставување стратешка резерва за криптовалути користејќи токени кои веќе се во сопственост навладата, разочарувајќи ги оние на пазарот кои се надеваа на план за купување нови токени.
Објавувањето на регулативата во четвртокот пред состанокот со директорите на криптовалутите во Белата куќа подоцна во петокот ја намали цената на биткоинот за околу 5 отсто, на 85.000 долари. Рано во петокот, биткоинот закрепна на европскиот пазар и се тргуваше за 89.200 долари.
„Стратешките резерви од биткоини ќе биде капитализирана со биткоин што дошол во посед на федералната влада преку заплена како дел од кривична или граѓанска постапка за одземање имот“, наведува крипто-советникот на Белата куќа, милијардерот Дејвид Сакс во објава на X.
„Значењето на оваа извршна наредба е во голема мера симболично, бидејќи е првпат биткоинот официјално да биде признат како резервно средство од владата на Соединетите држави“, смета Ендрју О’Нил, директор за дигитални средства во „S&P Global Ratings“.
Регулативата ја остави отворена можноста владата да купува биткоин во иднина.
Ветувањето на Трамп за стратешки резерви и очекувањата за полесно регулирање на индустријата доведе до тоа токенот да се искачи на историски највисоко ниво од 109.071,86 долари во јануари.
„Ова е најслабиот и најразочарувачкиот исход што можевме да го очекуваме оваа седмица. Фактот дека нема активно купување значи дека ова е само фенси име за биткоин фондовите што веќе постоеја со владата“, напиша Чарлс Едвардс, основач на фондот „Capriole Investments“ фокусиран на биткоин, во објава на X.
Американскиот претседател оваа седмица именуваше пет дигитални средства што очекува да ги вклучи во владината резерва: биткоин, етер, XRP, солана и кардано.
Не е јасно како би функционирала таквата резерва или како таа би била од корист за даночните обврзници.
„САД нема да продаваат ниту еден биткоин депониран во резервата. Тој ќе се чува како складиште на вредност. Резервата е како дигитален Форт Нокс за криптовалути што често се нарекува ‘дигитално злато’“, вели Сакс.
Потезите на Трамп за поддршка на крипто-индустријата, која инвестираше милиони долари поддржувајќи го него и другите републиканци на изборите во ноември, предизвикаа загриженост кај некои конзервативци и поддржувачи на криптовалути за давање на веќе богата заедница и делегитимирање на индустријата за дигитални валути.
Поддржувачите тврдат дека резервата ќе им помогне на даночните обврзници да имаат полза од зголемената цена на криптовалутата.