Украинските сили во Русија речиси отсечени, според мапи со отворен код

Десетици илјади украински војници, кои ја нападнаа Русија минатото лето и зазедоа дел од нејзината територија, речиси целосно ги опколија руските сили и ги отсекоа од нивните главни линии за снабдување, покажаа јавно достапните мапи во петокот, пишува Reuters.

Украинската ситуација во руската област Курск остро се влоши за украинската војска особено последните три дена, покажуваат истите мапи, откако руските сили ја вратија контролата врз дел од територијата како дел од подготовките за контраофанзива која речиси ги подели украинските сили на два дела, анализира Reuters.

Несигурната позиција на Украина ја зголемува можноста нејзините сили да бидат принудени на политички непријатно и психолошки тешко повлекување во Украина или да ризикуваат да бидат заробени или целосно уништени во време кога Киев е под зголемен притисок од САД да се согласи на прекин на огнот со Русија.

„Ситуацијата (за Украина) е многу лоша“, изјави за Reuters воениот аналитичар Паси Пароинен од Black Bird Group со седиште во Финска, група која проучува разузнавање со отворен код.

„Сега не останува многу пред украинските сили да бидат или опколени или принудени да се повлечат. А повлекувањето би претставувало опасен потфат, при кој на силите (украински) постојано им се закануваат руските беспилотни летала и артилерија“, додава.

„Доколку украинските сили не се во можност брзо да ја поправат ситуацијата, ова би можело да биде моментот кога истакнатата позицја (на украинската војска) во Курск конечно ќе се затвори во опкружен џеб“, додава Пароинен.

Руското напредување не е официјално потврдено ниту од руското Министерство за одбрана, ниту од украинската војска, кои вообичаено известуваат за промените на бојното поле со задоцнување. Меѓутоа, Москва во секојдневните извештаи тврди за стотици исфрлени од стројот украински војници, меѓу кои како што постојано посочува многумуна се странски платеници, и десетици уништени тешко околопни возила на дневно ниво.

 

Да се донесе војната во Русија

Украинскиот упад во Курск ланскиот август беше најсериозниот напад на руска територија од нацистичката инвазија на Советскиот Сојуз во 1941 година, а целта, како што тврди Киев, беше да им донесе војна на граѓаните на Русија, кои Кремљ се обиде да ги заштити од последиците од борбите во Украина.

Уште тогаш многу воени аналитичари предупредуваа за погубноста на таквата стратегија, во која Киев во оган ги фрли своите преостанати најобучени и најдобро опремени единици, во обидот да го спречи континуираното напредување во југозападниот фронт во Украина и заземањето на неколку стратешки важни позиции за одбраната на централна Украина. Рускиот воен врв, и покрај очекувањата на планерите на упадот во Курс, не ги повлече единиците од украинскиот фронт, туку се реши за подолготрајно „мелење“ на украинските сили на руска територија и нивното засилување кое продолжува досега.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека целта е, исто така, да се намали притисокот врз украинските војници кои ја бранат нивната земја од руските сили на истоко, со принудување на Москва да ги пренасочи ресурсите за одбрана на сопствената територија и да ја подобри позицијата на Киев во идните мировни преговори.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговите сили ќе ја вратат целосната контрола над Курск и ја отфрли секоја идеја дека областа ќе биде дел од идните преговори.

Мапите со отворен код достапни на веб-страницата на украински Deep State, кои воените блогери ги сметаат за сигурен извор, покажаа во петокот дека околу три четвртини од украинските сили во Русија сега се речиси целосно опколени.

Мапите покажаа дека тие се поврзани со други украински војници, распоредени поблиску до руската граница, со коридор долг околу еден километар и нешто под 500 метри широк во неговата најтесна точка, додека руските сили напредуваа за да ги разделат таму.

Deep State доцна во четвртокот објави дека руските сили напредувале во близина на блиската населба Куриловка.

Јуриј Подољака, влијателен руски воен блогер чии анализи и информации се сметаат и на западот за многу веродостојни, објави дека руските сили го пробиле јужниот дел на Суџа, руски град во речиси опкружен џеб.

„Руските вооружени сили создадоа длабок клин (до четири километри) и всушност стигнаа до алтернативен пат за снабдување до Суџа (кој непријателот го користеше бидејќи главниот пат не можеше да се користи)“, напиша Подољакa на својот канал на комуникациската платформа Telegram.

Украинскиот Генералштаб во петокот објави дека украинските сили одбиле 32 руски напади во областа Курск во изминатиот ден.