Воспитувањето деца му помага на мозокот да остане млад, тврдат научниците

Се чини дека воспитувањето деца го спречува стареењето на мозокот, според студијата на околу 37.000 луѓе спроведена од научници од американскиот Универзитет Рутгерс.

Во трудот објавен во научното списание Proceedings of the National Academy of Sciences во САД, научниците објаснија дека откриле дека родителството игра „заштитна улога“ кога станува збор за „мозочните функции поврзани со стареењето во средниот и доцниот живот“.

А кога станува збор за раѓањето деца и за одржување на мозокот млад, пораката е што повеќе деца – толку подобро.

„Кога родителите имаат повеќе деца, се јавува поголема функционална поврзаност со целиот мозок, особено во мрежите поврзани со движење и осетот“, наведува тимот научници, сугерирајќи „кумулативен“ ефект врз основа на големината на семејството.

„Истите овие мрежи покажаа пониска функционална поврзаност којашто се поврзува со постарата возраст, што сугерира дека родителството може да заштити од функционално стареење на мозокот“, објаснуваат научниците откако ги проучувале информациите што опфаќаат речиси 20.000 жени и повеќе од 17.000 мажи земени од „UK Biobank“, здравствена и медицинска база на податоци.

Истражувачите сугерираат дека резултатите „покажуваат дека промените што го придружуваат родителството може да донесат придобивки за здравјето на мозокот во текот на целиот животен век, менувајќи ги траекториите на стареење“.

„Негувачката средина, а не самата бременост, се чини дека е важна затоа што ги гледаме овие ефекти и кај мајките и кај татковците“, вели Аврам Холмс од Универзитетот Рутгерс.

Генерално, овие резултати сугерираат дека родителството може да дејствува невропротективно во подоцнежниот живот, нагласувајќи ја потребата од идни истражувања за да се разберат механизмите на овие ефекти.