
Осум правни субјекти, меѓу кои три маркети, една аптека и тројца од најголемите увозници на овошје и зеленчук, се соочуваат со затворање во траење од 15 дена поради непочитување на владините мерки за ограничување на маржите. Покрај привременото затворање, овие компании ќе бидат и парично казнети.
Како што информира директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, контролите покажале дека некои од овие субјекти остварувале маржи и до 70 отсто, што значително ги надминува утврдените ограничувања.
Дополнително, тој откри дека во моментов се обработуваат уште 30 предмети кои се однесуваат на различни големи маркети, а инспекторите продолжуваат со континуирани теренски контроли.
– Инспекторите се постојано на терен и спроведуваат контроли без прекин. Во моментов работиме на 30 дополнителни предмети кои ги опфаќаат сите големи маркети – истакна директорот на Инспекторатот.
Сепак, неговата генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат.
Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места. Притоа се констатирани вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42 000 евра.