
Израел ќе престане да испорачува електрична енергија за Појасот Газа, објави во неделата министерот за енергетика Ели Коен, една седмица откако ја блокираше хуманитарната помош во палестинската енклава во обид да изврши притисок врз Хамас.
„Само што потпишав извршна наредба за итно прекинување на струјата во Појасот Газа“, рече Коен во кратко видео. „Доста е разговор, време е за акција“, додаде тој.
Единствениот далновод меѓу Израел и Газа ја снабдува главната постројка за десалинииација на водата на палестинската територија, која опслужува повеќе од 600.000 луѓе. Жителите на енклавата се потпираат на соларни панели и генератори на бензин за добивање електрична енергија.
„Ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да ги вратиме сите заложници и да се осигураме дека Хамас веќе не е во Газа следниот ден по војната“, нагласи Коен, додека Израел и палестинското исламистичко движење меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 19 јануари и чија прва фаза истече на 1-ви март.
По бликирањето на влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа пред една седмица хуманитарните организации предупредуваат на драматични последици за околу 2,4 милиони жители.