САД не го прекинаа предавањето разузнавачки податоци со Украина, вели Виткоф

Соединетите држави воопшто не го прекинаа споделувањето на разузнавачки информации со властите во Киев кои се неопходни за одбранбени цели, потврди во понеделникот Стивен Виткоф, специјалниот пратеник за Украина на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Како што сфаќам, ние никогаш не престанавме да обезбедуваме разузнавачки информации за одбранбените потреби на Украинците“, рече Виткоф за телевизиската мрежа Fox News.

Специјалниот претставник на Трамп додаде и дека обезбедувањето разузнавачки информации од страна на САД ќе биде една од темите со претставниците на украинските власти во вторникот во саудиска Џеда.

Минатата седмица британскиот весник The Daily Mail објави дека САД повеќе не споделуваат разузнавачки информации со Украина по одлука на претседателот Доналд Трамп. Весникот објави и дека САД не само што престанале да му предаваат разузнавачки информации на Киев, туку ѝ забраниле и на Велика Британија да ги споделува тие податоци обезбедени од американските служби.

Потоа портпаролот на американското Министерство за одбрана, за медиумите одби да коментира дали САД обезбедуваат разузнавачки информации во реално време за движењата на руските сили и други податоци на Украина, но само ја потврди претходната изјава дека Пентагон добил наредба да ја прекине сета помош за украинската војска. Подоцна, новинарката на Fox News, Џеки Хајнрих, објави дека директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Џон Ретклиф, го потврдил прекинот на размена на разузнавачки информации меѓу САД и Украина, но не наведе од каква природа биле доставуваните податоци.

Pриватната американска компанија „Maxar“ која објавуваше сателитски снимки од руските единици и стратешки капацитети уште пред почетокот на војната и чии сателити беа редовно забележувани во областите кои набрзо потоа украинската армија ги напаѓаше со артилериски или ракетен оган, минатата седмица објави дека наводно престанала на Киев да му доставува снимки во реално време, но не наведе дали тоа е последица од указот на Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди да се запре сета воена помош за Украина неколку дена по расправијата со Володимир Зеленски во Белата куќа на 28 февруари. Одлуката на американскиот лидер стапи на сила утрото на 4 март по украинско време. Тоа се однесуваше на целата американска воена опрема што моментално не е во Украина, вклучително и оружје што се транспортира со авион или брод или се чека натамошна испорака во транзитните зони во Полска.