
Тендерот за изградба на катни гаражи на Клинички центар ги поминал сите потребни процедури, но договорот со изведувачот сè уште не е потпишан, бидејќи треба прво да биде разгледан од Владата, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Министерот посочи дека тендерот е спроведен во согласност со сите прописи, нагласувајќи дека нема никакви неправилности во постапката.
– Тендерот ги помина сите постапки како што треба. Нема нешто што е нерегуларно. Не знам зошто толку паника. Договорот сè уште не е потпишан, бидејќи мора да помине на Влада, каде што ќе бидат проверени сите потребни документи – рече Таравари, додавајќи дека катните гаражи се неопходни за Клиничкиот центар.
Според него, цената за паркирање од 50 денари по час не е висока, бидејќи слични цени важат и во други градови.
– Некои велат дека 50 денари се многу, но мислам дека тоа е стандардна цена во повеќето градови. Ако го оставиме паркингот со многу ниска цена, ќе се случува луѓе да го користат како евтин паркинг за приватни прошетки низ градот – истакна министерот.
Таравари напомена дека доколку тендерот биде поништен, ќе биде потребна барем една година за повторно распишување и завршување на нова тендерска постапка.
– Ако го поништиме тендерот, повторната постапка ќе трае барем шест месеци до една година, бидејќи станува збор за меѓународен тендер. Сепак, голем број граѓани се жалат дека им е неопходно што поскоро да има нови паркинг места во Клинички центар – додаде тој.
Воедно, министерот потенцираше дека Владата ќе донесе конечна одлука дали постапката ќе продолжи или ќе се распише нов тендер.