САД укинуваат 83 отсто од меѓународните проекти финансирани од USAID

Американскиот државен секретар Марко Рубио детално го опиша големото скратување на проектите управувани од агенцијата за странска помош и  развој USAID.

„По шестнеделен преглед, официјално откажуваме 83 отсто од програмите на USAID“, објави Рубио на платформата Х во понеделникот.

Американскиот претседател Доналд Трамп му наложи на Рубио да ги спои средствата обезбедени за USAID и меѓународен развој со Стејт департментот како дел од неговата стратегија „Америка на прво место“.

Од околу 6.200 проекти, само околу илјада ќе продолжат да работат и ќе бидат под надзор на Стејт департментот. Рубио не објасни точно за какви проекти станува збор.

Тој му се заблагодари на Одделот за владина ефикасност (DOGE) предводен од технолошкиот милијардер Илон Маск за охрабрувањето на заштедите во владата.

Иако Рубио објасни дека откажувањето на проектите на USAID е извршено во договор со Конгресот, останува да се види каква улога всушност има Капитол. Правно е спорно дали владата може да распушти агенција без изречна согласност на Конгресот.

Исто така, не е јасно какво влијание ќе има најавата на Рубио врз тековниот правен спор околу замрзнатите плаќања за помош.

Хуманитарните организации предупредуваат на драстичните последици од кратењата на УСАИД. Тие тврдат дека губењето на американската поддршка може да создаде егзистенцијални проблеми за десетици илјади луѓе ширум светот.