
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот ги удвои планираните тарифи за сите производи од челик и алуминиум што доаѓаат во САД од Канада на 50 отсто, како одговор на потегот на провинцијата Онтарио, чии власти денеска објавија дека на американските домаќинства ќе им наплатат 25 отсто повеќе за струја.
Онтарио ги снабдува со електрична енергија американските сојузни држави Њујорк, Минесота и Мичиген и планира да наплати данок од 25 отсто за електричната енергија продадена во САД, што на владата на оваа канадска провинција ќе ѝ носи дополнителни 277.000 долари дневно.
Трамп во објавата на Truth Social напиша дека му наложил на американскиот министер за трговија да ги зголеми планираните царини од 25 отсто за дополнителни 25 отсто, а мерката стапува на сила во среда наутро.
„Канада мора веднаш да ги отфрли своите антиамерикански царини за земјоделците од 250 до 390 отсто за различни американски млечни производи, бидејќи тоа е невидено. Наскоро ќе прогласам национална вонредна состојба за електрична енергија во погодената област“, напиша Трамп.
Тој, исто така, се закани дека „значително ќе ги зголеми“ царините за автомобилите што доаѓаат во Соединетите држави на 2-ри април „освен ако Канада, исто така, не ги укине другите срамотни, долгогодишни царини“.