Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот, САД ја продолжува помошта

Украина го прифати американскиот предлог за воведување 30-дневен прекин на огнот, а САД ќе ја прекинат паузата во обезбедувањето разузнавачка и безбедносна помош за Украина, изјавија официјални лица од двете земји по состанокот во Џеда.

Во соопштението се наведува дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во споделувањето разузнавачки информации и ќе продолжат со безбедносната помош за Украина, пренесува Си-Ен-Ен.

„Киев, исто така, ја изрази подготвеноста да го прифати предлогот на САД за воведување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација“, се вели во соопштението.

Се додава дека САД ќе ѝ кажат на Русија дека рускиот реципроцитет е „клучот за постигнување мир“.

Украинските и американските претставници денеска одржаа разговори во саудискиот град Џеда, кои траеја повеќе од осум часа.

Шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, пред средбата изјави дека украинската делегација се подготвува за преговорите.

– Тимот е поставен. Се подготвуваме за работа. Заштита на украинските интереси, јасна визија за завршување на војната, ќе работиме ефикасно со нашите американски партнери – нагласи Јермак, пренесува Укринформ.

Тој подоцна рече дека украинската страна е „подготвена да стори сé за да постигне мир“.

Патем, Јермак ја замени својата вообичаена воена облека за костум и вратоврска.

Украина ја претставуваат Јермак, неговиот заменик Павло Палиса, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров, според Укринформ.

Американската страна ја претставуваат американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц, како и Стив Виткоф, кој официјално е пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, и кој игра сè поголема улога во напорите за ставање крај на тригодишната војна во Украина.