
Српскиот 25-годишен напаѓач Душан Влаховиќ ова лето најверојатно ќе го напушти Јувентус и би можел да ја продолжи кариерата во Премиер лигата, објавија британските медиуми.
Со доаѓањето на Рандал Коло Муани во Јувентус во зимскиот преоден рок на позајмица до крајот на сезоната, Влаховиќ се најде на резервната клупа и добива минимална минутажа иако е најдобар стрелец на Јуве со 14 гола.
Со оглед на тоа што тој одби да го продолжи договорот, „Старата дама“ се најде во незавидна позиција, што значи дека летово ќе мора да го продадат бидејќи договорот му истекува во јуни 2026 година, а тогаш може да си замине без обештетување.
За Јувентус има уште една отежнувачка околност, договорот му гарантира плата од 19 милиони евра следната сезона.
Влаховиќ пристигна во Јувентус во јануари 2022 година од Фиорентина за 83 милиони евра. Но, сега за Јувентус секоја понуда вредна околу 30 милиони евра би била како добивка на лотарија. За српскиот центарфор се заинтересирани Манчестер Јунајтед, Арсенал, Астон Вила, Тотенхем, Њукасл, Челзи, Вест Хем, но британските медиуми оценуваат дека „црвените ѓаволи“ ќе бидат најупорниот додворувач ова лето.